Ќе се одложи тендерот за ЕЛЕМ по изборите

АД ЕЛЕМ наверојатно ќе го поништи тендерот за набавка на гумени ленти за транспорт на кој во козорциум со турска фирма учествуваше компанијата „Фероинвест“ на вицепремиерот Кочо Анѓушев. Откако јавноста дозна за криминалниот тендер, премиерот Зоран Заев и Анѓушев проценија дека во овој момент доделувањето на тендерот на компанијата на вицепремиерот може да им нанесе штета во пресрет на локалните избори, па се одлучуја тендерот на ЕЛЕМ да го одложат по изборите, пишува порталот Курир.мк

И покрај бурните реакции во јавноста „Фероинвест“ на Анѓушев не се откажа од тендерот во државната компанија.

Според официјалното соопштение од ЕЛЕМ вчерашната аукција завршила делумно успешно, бидејќи за четири од вкупно пет лота е понудена цена повисока од планираната. Прифатена е понудата само за еден лот , којашто е дадена од српската фирма „Репро-Опрема“.

„Комисијата за јавни набавки на АД ЕЛЕМ ќе ја утврди фактичката состојба и во текот на следната недела ќе се изјасни за следните чекори. Една од законските можности е да се прифати понудата која е прифатлива за компанијата, а за другите четири да се поништи тендерот и да се распише нов“, соопшти ЕЛЕМ.

Упатените коментираат дека ова е само нова измама на Заев и Анѓушев. Наместо фирмата во сопственост на вицепремиерот да се повлече од тендерот на државната компанија ЕЛЕМ, премиерот се договорил со вицепремиерот, сега да се поништи тендерот и да се објави нов кој ќе заврши по изборите, и тогаш фирмата на вицепремиерот Анѓушев да го добие тендерот.

Премиерот Заев оценил дека пред локалните избори овој тендер му нанесува штета на политички план. Сега пред јавноста вицепремиерот Анѓушев треба да одглуми незадоволен, а по изборите да се заврши работата со договорените 2,6 милиони евра за фирмата на Анѓушев.

Од „Фероинвест“ по завршувањето на аукцијата, тврдат дека компанијата не го добила тендерот, а изнесените дезинформации во јавноста лошо влијаеле на фирмата.

Вицепремиерот Анѓушев остана на ставот дека нема ништо спорно во случајот, но премиерот Зоран Заев деновиве даде симптоматична изјава со која ги повика медиумите будно да го следат процесот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, исто така, реагираше за учествувањето на компанијата Фероинвест на државен тендер и го повика Јавно обвинителство дапочне стапка за утврдување на одговорност за тоа како се влијаело и под кои услови тендерот паднал во рацете на фирмата на Анѓушев.

Владата станува бизнис картел: Заев со поддршка за Анѓушев да го зголеми капиталот од 23 на 30 милиони евра

Премиерот Зоран Заев му дава поддршка на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, капиталот на својата компанија „Фероинвест“ да го зголеми од 23 на 30 милиони евра.

„Не можеме да очекуваме дека деловните луѓе предложени од Коморите, како што е господинот Анѓушев, дека ќе ги пушти да пропаднат компаниите. Да, може тој е сопственик, но тоа е македонска компанија, која што дава плата овде и праќа даноци. Нивните амбиции колку што знам јас, како што ја видов таа компанија, од 23 милиони евра се во во наредниот период да стигнат до 30 милиони евра“, рече Заев.

 

https://www.youtube.com/watch?v=2RWNucwZ6sE

 

Компанијата „Фероинвест“ претходно доби тендер од ЕЛЕМ. Тендерот го доби само 10 дена по назначувањето на Драган Миновски за генерален директор на ЕЛЕМ. Вредноста на доделениот тендер изнесува 165 милиони денари со ДДВ или 2,6 милиони евра.

На 15-ти август годинва новоназначениот директор Миновски заедно со новиот комерцијален директор Марјанчо Николов, поранешен пратеник на СДСМ од Велес, донеле одлука по јавна набавка бр.01-125/2016 со предмет на набавка Транспортни ленти за ПЕ Рудник. Од вкупно предвидените 258.300.000 денари за оваа набавка повеќе од половината односно 140.086.090 денари без ДДВ му се доделени на конзорциумот составен од „Фероинвест“ од Македонија и Озербанд од Турција кои добиле 3 од 5-те предвидени лота за оваа набавка.

Инаку Анѓушев одби да одговори дали ќе се повлече од сопствеништвото на „Фероинвест“.

„Стојам тука исправен пред вас и јавноста да ги разјаснам политиките на Владата. Фирмите имаат управители и менаџери и јас искрено немам време да комуницирам со нив. Ви порачувам на вас да се обратите“, одговори Анѓушев на новинарско прашање.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека Анѓушев ја искористи својата функција за да си додели тендер сам на себе.

„Анѓушев се откажа од својата плата во висина од околу 1.000 евра ,но очигледно е дека своето домашно салдо го надоградува со милионски тендери и тоа во висина од 2,6 милиони евра“, истакна Славче Трпески, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Трпески вели дека за да се оправда самиот себеси и криминалната врхушка се обидува да ја изманипулира македонската јавност со смешни образложенија дека тој не е управител на фирмата „Фероинвест“, туку дека управител е друго лице, а тој е само сопственик.

„Ова е скандал од огромни размери. Сите независни правни експерти го осудија вицепремиерот Анѓушев, кој си додели тендер самиот на себе во висина од 2,6 милиони евра. ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше за вакви ‘бонбона бизнис’ намери на оваа влада, дека нивната примарна цел е само личен интерес и личното богатење со парите на граѓаните, а тоа се потврди и во изминатите 100 дена. ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го повикува надлежното Јавно обвинителство да отпочне постапка за утврдување на кривична одговорност дали и под кои услови тендерот е доделен на фирмата „Фероинвест“ која е во сопственост на вицепремиерот Кочо Анѓушев“, рече членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Заев во една прилика при посета на затворот „Идризово“ изјави дека нема судир на интереси во тоа што фирмата Фероинвест, во која што вицепремиерот Кочо Анѓушев е еден од сопствениците, учествува на тендер на ЕЛЕМ вреден 2,6 милиони евра.

 

 

„Драго ми е што медиумите ја водат оваа постапка и јавноста треба да знае за тоа. Но, дали тоа значи дека семејството Заеви што произведува ајвар, од нив не треба да набавува ниту една државна институција која има исхрана во заеднички мензи!? Фирмите во Македонија мора да работат, но важно е да се разграничи и да нема влијание при одлучувањето или во управување со фирмата, истовремено истото лице кое е во Владата. Како ќе привлечеме квалитетни луѓе од бизнис заедницата да помогнат во работата, ако од нив бараме да ги затворат фирмите и да ги отпуштат вработените“, рече Заев.