Нов пад на прометот во индустријата

Прометот во индустријата во јули во однос на јуни годинава е намален за 9,1 отстот, а споредено со јули лани за 2,5 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Во периодот јануари-јули годинава, споредено со првите седум месеци од минатата година, прометот во индустријата бележи раст од 7,4 проценти.

На домашниот пазар во јули годинава во однос на јули лани прометот во индустријата бележи опаѓање од три процентни поени, односно од 2,4 отсто на странските пазари.

Гледано по сектори, во јули годинава споредено со јули минатата година има опаѓање од 11,2 отсто кај секторот „Рударство и вадење камен“ пад од 11,2 отсто, а во „Преработувачка индустрија“ од 2,2 процента.

Според главните индустриски групи, прометот во јули 2017 година, во однос на јули 2016 година, е намален кај „Капитални производи“ за 0,7 отсто и „Нетрајни производи за широка потрошувачка“ за 11,3 проценти.

Економијата во Македонија во вториот квартал од 2017 година се намалила за 1,8 отсто споредено со истиот квартал од 2016 година. Во поголем дел од овој период, економијата остана „замрзната“: домашните инвеститори речиси целосно се воздржаа од развојни активности, а влез на нови странски инвеститори речиси и немаше, проценува Finance Think во најновата анализа.

Поради овој тренд, Finance Think ја ревидира надолу проекцијата за растот на бруто домашниот производ (БДП) за годинава на 0,8 отсто, одразувајќи го ризикот околу брзината со која новата влада се враќа на патеката на структурните реформи.

Оваа значајна надолна ревизија на БДП е одраз и на повисокиот пад на економијата од очекуваниот во вториот квартал годинава, како и на застојот во реализацијата на капиталните инвестиции, понатамошната воздржаност на потенци јалните странски инвеститори и отсуството на амбициозна и структуирана економска цел и програма во моментов, оценува овој институт за економски истражувања и политики.

Бруто инвестициите се намалија за 19,9 отсто. Истовремено, во отсуство на владин импулс, капиталните инвестиции, особено оние во крупната инфраструктура, се реализираа со значително забавено темпо. Градежништвото се намали за 17,3 проценти.

Паралелно на ваквите движења на економијата, стапката на невработност забележа натамошно благо намалување за 0,3 процентни поени, до 22,6 отст, што главно се должи на исцрпувањето на ефектите од вработувањата во фабрките кои веќе беа воспоставени во економијата.

Дека економијата тоне, а бројките се загрижувачки, предупредуваат и експерти кои велат дека новата влада со сегашните мерки може да ја однесе Македонија во рецесија. Најавата на странски инвеститор кој капиталот планирал да го вложи во Македонија, сега ќе го пресели во Србија и дека ќе ја затвори веќе постоечката фабрика во земјава, но и најавата на три големи странски компании дека ќе ја напуштат Македонија а со тоа да се укинат околу 2.000 работни места, според ВМРО ДПМНЕ е знак на несериозност и непознавање на целиот процес за водење странски инвестиции.

Според нив тоа е процес кој бара многу анализи, а токму испраќањето на лоши сигнали од страна на Новата Влада ќе придонесе светските инвеститори да ја тргнат Македонија од својата инвестициска мапа.