
Велика Британија распореди во саботата стотици војници на стратешките места во главниот град Лондон да ги заменат полицајците во потрагата по одговорните за експлозијата на бомба во подземната железница при што беа повредени во петокот 29 лица, а во земјата е прогласено највисоко ниво на приправност.
Британската премиерка Тереза Меј изјави дека „степенот на критичната закана“ значи дека можеби се заканува уште еден напад откако во петокот утрото во вагон на станица на подземната железница се случи експлозија на импровизирана бомба при што се случи стампедо во кое се повредени 29 луѓе.
Поради нападот на станицата „Парсон Грин“, кој го карактеризираше како терористички чин, британската влада презема ретка мерка, односно распоредување на војската на улиците.
„Во текот на овој период, војниците ќе ги заменат полицајците коишто ќе ги чуваат заштитените места“, изјави премиерката Меј во телевизиска изјава.
„Експлозијата во метрото во Лондон ја предизвикаа припадниците на Исламската држава“, пренесува Amaq, новинската агенција преку која своите соопштенија ги објавува споменатата ултрарадикална сунитска организација.
Надлежните британски служби и полицијата и во саботата трагаат по сторителите. Шефот на британскиот антитерористички оддел Марк Роули изјави во петокот доцна вечерта дека истрагата добро напредува.
„Трагаме по осомничените. Стотици полицајци истражуваат бројни траги, прегледуваат часови снимки од надзорните камери и разговараат со очевидците“, изјави Роули.