
Фудбалерите на Рома и Интер славеа рутински победи во саботните натпревари од 4-то коло на италијанскиот шампионат против Верона, односно Кротоне.
Рома до победата стаса со головите на Раџа Наинголан во 22 минута, а двапати во листата на стрелците се запиша Един Џеко, во 33 и 63 минута. Гостите од Верона од 66 минута играа со играч помалку, откако беше исклучен Французинот Самуел Супрејен.
Во саботата во Серија А беа одиграни уште два натпревара. Интер долго се мачеше на гостувањето кај Кротоне, но со двата гола во последните седум минути успеа да го скрши отпорот на домашните и да ги освои калкулираните бодови. Првиот гол го постигна Словакот Милан Шкриниар во 82 минута, а победата ја завери хрватскиот интернационалец Иван Перишиќ во втората минута од судиското продолжение.
Фиорентина славеше со 2:1 против Болоња, со головите на Федерико Киеза во 51 и Герман Пицела во 69 минута, додека почетното водство на домашните уште во 52 минута го анулираше Родриго Паласио.
На табелата води Интер со 12 бодови, додека Јувентус и Наполи имаат по 9 но и натпревар помалку. Торинската „Стара дама“ во недела го пречекува Сасуало, додека Наполи го чека Беневенто.