Груевски: Настаните на 27-ми април не требаше да се случат

Тоа е настан што не требаше да се случи, но за жал се случи. Голема вина за случувањето имаа постапките во Парламентот што претходно беа направени и начинот на кој што се правеа. Неуставното, незаконското и неделовничко бирање на претседател на Парламентот. Можеше тоа да се направи и уставно и законски и деловнички, но мнозинството во Парламентот одлучи тоа да биде незаконски, тоа да биде неделовнички, неуставно.

Ова синоќа го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во гостувањето во емисијата „200“ на телевизијата Алсат М.

Потенцира дека тој бил првиот политичар кој реагирал јавно.

-За жал тогаш бев на службено патување во Виена, и веднаш штом ме извадија од состаноците, ми го прекинаа состанокот откако дознаа луѓето со мене дека има таков настан. Бев првиот што напрво преку социјалните мрежи, потоа, вечерта кога дојдов и со прес-конференција реагирав. Нормално, разговарав и со моите луѓе таму, и ги охрабрував да влијаат во правец на смирување на страстите и на заштита на тие што се нападнати, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски истакна дека видел многу снимки на кои се гледало како пратеници од неговата партија се бореле да им помогнат на луѓето од СДСМ.

-Главниот гнев од народот беше против пратениците од СДСМ и гледав како наши пратеници, како Владимир Ѓорчев, Никола Тодоров и неколкумина други правеа се што е во нивна моќ да им помогнат, да ги заштитат и да ги спасат нивните животи, посочи Груевски.

Напомена дека по случувањата на 27 април не комуницирал со Зијадин Села и оти жали за тоа што му се случи.

-Се радувам кога слушнав и видов како нашите пратеници му помогнаа со сите сили да се извлече од таа ситуација што беше клучно за неговиот живот, рече Груевски.