
Независна држава издвоена од Ирак не може да биде дозволена, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во средата вечерта, зголемувајќи го притисокот врз автономнатата ирачка покраина Курдистан само неколку дена пред одржувањето на планираниот референдум за независност.
Референдумот предизвика огорченост кај централните ирачки власти во Багдад и и изјави од Анкара коишто укажуваат на загриженоста на турските функционери поради курдскиот референдум, кој според нив ќе поттикне сепаратизам и во соседна Сирија, но и во самата Турција којашто со децении се бори со забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK).
„Дефинитивно не сме страната којашто би поддржала таква независна држава во Ирак. Тоа не може да се случи, не е возможно такво нешто да биде дозволено. Се надевам дека (челникот на автономниот регион ирачки Курдистан Махмуд) Барзани и неговиот тим ќе ја променат погрешната одлука што поскоро“, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на конференцијата во Њујорк каде што присуствува на Генералното собрание на Обединетите нации.
Претходно во вторникот Ердоган педупреди дека поради референдумот Турција ќе го разгледа наметнувањето на санкциите за авотномниот регион Курдистан на северот од Ирак. Анкара, инаку, досега имаше блиски односи со ирачките Курди, па дури нејзините специјалци ги обучуваа нивните милиции за борба против екстремната сунитска групација Исламска држава.
„Турскиот национален совет за безбедност и владата ќе разговараат во петок кој вид санкции можеме да ги наметнеме, или ќе ги наметнеме“, изјави Ердоган пред новинарите во Њујорк.
Турција има бројно курдско малцинство, според различни извори и процени се движи меѓу 10 и 15 отсто, и е во децениски судир со курдските милитанти.
Во регионот, Иран и Сирија, исто така, се загрижени дека референдумот би можел да ги поттикне сецесионистичките идеи меѓу тамошните курдски малцинства. САД и Ирак, пак, неодмана повторија де се противат на референдумот.