
Досегашниот министер за финансии и член на претседателството на Христијанско-демократската унија (CDU), Волфганг Шојбле, би требало да ја преземе должноста претседател на Бундестагот, соопшти во средата Унијата CDU/CSU на канцеларката Ангела Меркел која повторно победи на неделните парламентарни избори.
„Среќни сме што можеме да соопштиме дека Волганг Шојбе се согласи да се кандидира за претседател на Бундестагот“, изјави претседателот на пратеничката група на Унијата CDU/CSU, Фолкер Каудер.
Изборот на Шојбле на местото претседател на Бундестагот, функција којашто досега ја извршуваше неговиот партиски колега Борбет Ламерт, е сигурен откако пратеничките групи на Социјалдемократскаt партија на Германија (SPD) и на Либерално-демократската партија (FDP) ја поддржаа неговата кандидатура.
За преоѓањето на искусниот политичар на демохристијаните на местото претседател на Бундестаг, се говореше уште од изборите. Шојбле поради својот неприкосновен политички стил се смета за соодветна личност за преземање на челната функција во долниот дом на германскиот парламент во моментот кога во неговиот 19-ти состав влегуваат стотици пратеници на десната евроскептична и антидоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD), кои противниците ги обвинуваат дека од нив може да се очекуваат провокации и обид за саботирање на работата на парламентот.
„Волфганг Шојбле е една извонредна личност која зрачи со природен авторитет и оттаму е идеално решение за функцијата претседател на Бундестагот во оваа ситуација. Тој ќе умее да ја брани честа на Бундестагот“, изјави претседателот на FDP, Кристијан Линднер.
Политичките коментатори сметаат дека со излегувањето на Шојбле од министерството за финансии е отворен просторот на концеларката Ангела Меркел во претстојните преговори со FDP и со партијата Зелени за составување на коалиција влада. Либералните демократи во неколку наврати порача дека се заинтересирани за преземање токму на ова министерство.
Волфганг Шојбле е пратеник во Бундестагот од 1972 година, а е познат по својот тврдокорен став кога станува збор за промовирањето на непопустливата германска политика на штедење. Досега извршувал бројни функции, од шеф на кабинетот на канцеларот преку министер за внатрешни работи до министер за финансии. Шојбле, роден 1942 година во Фрејбург, од еден атентат во 1990 годија во текот на предизборна кампања, се движи во инвалидска количка.