
Разговорот меѓу американскиот државен секретар Рекс Тилерсон кој во вторникот во Вашингтон се сретнал со кубанскиот колега Бруно Родригез Париља бил „решителен и отворен“, соопшти Стејт департментот, додека официјална Хавана оцени дека средбата била посветена на „акустичните напади“ врз американските дипломати на Куба и минала во „атмосфера на почитување“.
„Разговорот беше решителен и отворен, и ја одразива искрената загриженост на САД за безбедноста на својот персонал“, соопшти портпаролката на Стејт департментот, Хетер Науерт. Тилерсн во разговорот „ја истакна сериозноста на ситуацијата и обврската на кубанските власти според Виенската конвенција да го штитат персоналот на амбасадите и нивните семејства“, се додава во писмената изјава.
Ова е прва средба на двајца функционери откако во Белата куќа влезе американскиот претседател Доналд Трамп во јануари годинава, а се одржа без присуство на медиумите, на барање на кубанската влада, наведува Стејт департментот, но „државниот секретар ќе постави многу прашања“, рече Науерт пред средбата.
„Средбата мина во атмосфера на почитување“, истакнува во своето соопштение кубанското министерство за надворешни работи, додавајќи дека главна тема биле неразјаснетите „звучни напади“.
Париља „повтори дека кубанските власти му пристапиле на овој случај сериозно, внимателно и стручно“, се наведува уште во соопштението во кое се зборува и за „отворање приоритетна истрага“ на самиот почеток од аферата и за воведување „дополнилни мерки за заштите на американските дипломати и нивните семејства“. Кубанската дипломатија истакнува дека „целосно ги исполнува своите обврски кои произлегуваат од Виенската конвенција“ и изразува желба со САД да го продолжи „билатералниот дијалог за темите од заеднички интерес“.
Најмалку 21 вработен во американската амбасада во Хавана и членови на нивните семејства наведоа дека имале здравствени тешкотии кои ги потврдиле лекарите, а некои морале да се вратат во САД поради лекување. Според синдикатот на американската дипломатија, овие „напади со звучно вознемирување“ предизвикале кај некои од жртвите „полесни оштетувања на мозокот“, „целосно губење на слухот“, но и „губење на рамнотежата, силна главоболка, пречки при спознание и отекување на мозокот“.
Причината за овие инциденти не е позната. Кубанскиот министер за надворешни работи минатата седмица на Генералото собрание на Обединетите нации изјави дека неговата земја не успеала да ја утврди „причината за здравствените проблеми на американските дипломатски функционери“, истакнувајќи дека Куба „нема докази“ дека навистина станува збор за звучни напади. Повика, исто така, случајот „да не се политизира“.
Се нагаѓа дека губењето на слухот би можело да ги предизвика некој вид уред кој емитува нечујни звучни бранови, а кој бил поставен во близина на домовите на дипломатите. Службениците почнале да се жалат на чудни симптоми кон крајот на минатата година. Иако не биле животно загорезен, одреден број од нив се вратени во САД. Според верзијата на Вашингтон службениците на амбасадата биле подложени на „нападите“ кон крајот на минатата 2016 година. Притоа тоа се случувало во разлини периоди и на различни места. Се истакнува дека поради тоа кај службениците се јавиле сериозни здравствени проблеми.