Цветковски: Заев е доследен само во лагите

Единственото нешто на што челникот на СДС Зоран Заев остана доследен до крај е лажењето, манипулирањето и потценувањето на граѓаните, истакна во саботата Марио Цветковски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во неговата економска програма, тој лажеше дека на крајот на годината ќе имало поврат на ДДВ за граѓаните и на тој начин секој граѓанин ќе добива 30.000 денари годишно. Никој ниту доби поврат на ДДВ ниту пак се почна со овој проект. Заев лажеше дека ќе ги врати парите кај граѓаните – денеска парите се влеваат во фирмите на неговите најблиски соработници и невладини организации кои ја поддржуваат неговата политика“, рече Цветковски

Го обвини лидерот на СДСМ дека, исто така, ги лажел дека младите веднаш по завршување со образованието ќе добијат работно место, а сега е очигледно дека младите се без работа и седат дома.

„СДС не отвори ниту едно ново работно место, а напорно работи да ги избрка странските инвеститори и да ги затвара веќе отворените. Заев лажеше за вложување во домашни енергетски капацитети за стабилна и поевтина струја, а со најавената либерализација, струјата во наредната година ќе поскапе, а фирмите на Анѓушев ќе се здобијат со монопол“, додаде претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.