
Во несреќата на воениот транспортен авион од типот „Антонов“ кој во саботата се урна во близина на Киншаса, престолнината на Демократска Република Конго, загинале 12 членови на екипажот, соопшти тамошното министерство за одбрана.
„Потврдувам дека утрово се урна воен авион“, изјави министерот за одбрана Криспен Атама Табе, додавајќи дека загинале сите дванаесет членови на екипажот.
Претходно беше објавено дека со транспортниот авион „Антонов“ со кој управувал руски екипаж, се превезувале уште дваесет до триесет припадници на воена придружба.
Според воен офицер кој сведочел за инцидентот, авионот се запалил кусо по полетувањето од аеродромот „Н’џила“ во Киншаса, по што се урнал.
Офицерот открил дека меѓу мртвите има и Конгоанци и странци, а агент на агенцијата за воздухопловство на Конго истакнал дека станува збор за авионот од типот „Антонов 12“, кој требало да слета во источниот град Букава.
Засега не е познато дали некој настрадал на земјата, а војниците им забраниле пристап на медиумските екипи до местото на несреќата, но чадот од остатоците од авионот можеле да се видат од оддалеченост од неколку километри.
Воздухопловните несреќи релативно се чести во Конго поради слабите безбедносни стандарди. На сите конгоански комерцијални воздухопловни компании поради тоа им е забрането да летата во Европската унија.