
Во изминатиот период една од актуелните теми во Собранието на Република Македонија беше и донесувањето на законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата или попознато кај народот како стечајци.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Слаѓана Митовска извести дека со наведениот предлог закон се опфаќаат мал број на невработени лица на кои работниот однос им престанал по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок заклучно со 30 јуни 2017 година, а кои оствариле право на паричен надоместок по први јануари 1995 година во претпријатијата со доминантна сопственост на државата.
„Лицата кои има 15 години работен однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата утврден со М1 и М2 образец и кое лице на денот на влегување во сила на овој закон е на возраст од најмалку 52 години за жени односно 55 години за мажи. Вака предложениот закон е без претходна сеопфатна анализа и истиот нема да ги опфати реалниот број на стечајни работници туку само мала група на луѓе блиски до моменталната власт. Во моментот според моите информации во агенцијата за вработување на Република Македонија во Крива Паланка се поднесени над 500 барања за остварување на ова право од кои реално дали 30-40 лица, односно дали 10 проценти ќе можат да го остварат овој паричен надоместок. И покрај тоа што сме свесни дека ваквиот предлог закон ќе опфати мала група на луѓе, сакајќи да излеземе во пресрет на граѓаните, ние пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја дадовме својата поддршка при донесувањето на овој закон“, истакна таа.
Митовска потенцира дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна државна сопственост од 2008 година и 2009 година овозможи материјално обезбедување во вид на паричен надоместок на над 4000 лица.
„Свесни дека ова не е довлно продолживме со сериозни анализи и со барање и изнаоѓање на реална законска можност за регулирање на статусот на оние стечајци кои не беа опфатени“, рече Митовска.