
На референдумот за независност во Каталонија во неделата во судирите со полицијата којашто настојува да го спречи гласањето кое Мадрид го прогласи за незаконски, повредени се најмалку 465 луѓе и 11 полицајци, соопштија одделно каталонската служба за итна медицинска помош (SEM) и шпанското министерство за внатрешни работи.
Според каталонската медицинска служба којашто податокот го објави на Twitter, толку луѓе побарале лекарска помош, а некои лица се потешко повредени, пренесува весникот El Pais.
„За секоја лична и материјална штета одговорен е исклучиво (шпанскиот премиер) Маријано Рахој и владата на Народната партија“, изјави портпаролот на каталонската влада Жорди Турули.
Откако во неделата утрото автономната каталонска полиција не ги затвори избирачките места, иако тоа ѝ го наложи судот, реагираше шпанската Цивилна гарда и националната интервентна полиција со намера да ги одземен гласачките кутии и да ги заземе избирачките места.
Каталонската влада соопшти дека сепак се отворени 73 отсто од околу 2.300 гласачки места, а на секое избирачко место стотици лица ги блокираа влезовите поради што полицијата ги растерува со гумени куршуми и палки, или го изнесува оние кои мирно даваат пасивен отпор лежејќи на земјата.
Портпаролката на шпанската влада Сораја Сајнц де Сантамарија изјави за новинарите дека полицијата во настојувањата да го спречи референдумот дејствувала „професионално и умерено“. Владејачката партија на десниот центар Народна партија и премиерот Рахој истакнаа во текот на седмицата дека референдумот нема да се одржи бидејќи е спротивен на уставот и дека го забранил уставнито суд.
Шпанското министерство за внатрешни работи преку Twitter извести дека се повредени 9 припадници на националната полиција и 2 припадници на Цивилната гарда.
Се очекува дека тензиите и судирите ќе продолжат до крајот на денот. Каталонската влада ги повика сите 5,3 милиони жители со право на глас да продолжат да излегуваат на избирачките места до 20 часот и покрај попречувањата од полицијата.