Формирана Комисија за следење на евентуални изборни нерегуларности

Јавното обвинителство на Република Македонија формираше привремена Комисија за следење на евентуални изборни нерегуларности за претстојните локални избори. Нејзината задача е да го следи постапувањето по евентуални изборни нерегуларности поврзани со постоење на кривични дела против изборите и гласањето, како и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.

За претседател на Комисијата е избран Џељаљ Бајрами, јавен обвинител во ЈОРМ, а  членови се јавните обвинители Наталија Тасевска од Вишото јавно обвинителство Скопје, Димче Пажески од Вишото јавно обвинителство Битола, Анита Поп Методиева од Вишото јавно обвинителство Штип, Вјолца Елмази од Вишото јавно обвинителство Гостивар и Наташа Гоџоска од Основното јавно обвинителство Скопје.

– Комисијата има за задача на дневна основа да ги следи сите настани од државата поврзани со процесот на организирањето и спроведувањето на локалните избори. За оние настани за кои ќе се оцени дека даваат индиции за евентуални сторени изборни нерегуларности, известувањата веднаш ќе се проследат до соодветното основно јавно обвинителство. Во исто време, ќе се дадат задолженија до Основните јавни обвинителства за итно постапување, односно да формираат предмет и да ги преземат сите дејствија за утврдување на сите релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик, изјави претседателот на Комисијата Џељаљ Бајрами.

Тој посочи дека целта на ЈОРМ е на овој начин да се потенцира борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и да се даде поголем придонес кон сузбивањето и превенирањето на изборните нерегуларности.

– ЈОРМ ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, да достават поднесок/пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности на електронската адреса [email protected]“, потенцира Бајрами.

(МИА)