Јакимовска: Владата ја тресат четири огромни корупциски скандали за кои нема правна разрешница

За четири месеци, четири огромни корупциски скандали ја тресат Владата на Зоран Заев. Ниту една од овие четири афери нема правна разрешница. Криминалот и корупцијата станува заштитен знак за владата на Заев, истакна Светлана Јакимовска од ВМРО-ДПМНЕ.

„Криминалниот клан кој ја окупира власта во Република Македонија, на чело со семејствата Заеви и Анѓушеви ја злоупотребува власта за стекнување на лични богатства. Прво, Заеви власта ја користат за купување на големи индустриски гиганти за багателни цени. Трајче Заев за само 20.000 евра го купи индустрискиот гигант „Герас Цунев“, кој располага со имот од над 7.000 м2 површина. Додека граѓаните макотрпно работат цел свој работен век да купат еден стан или куќа, фамилијата на Заев купува индустриски гиганти, за пари со кои не може да се купи ни една обична гарсониера. Второ, по стапките на Заев оди и вицепремиерот мултимилионер и тендераш, Кочо Анѓушев, кој со самото стапување на функцијата наместо за интересите на граѓаните почнува да работи за интересите на своите фирми, потенцираше Јакимовска.

Додада дека владата го прекрши изборниот законик и во период пред избори изврши пренамена на земјоделско земјиште, во градежно со цел фирмите на Анѓушев да можат да ја градат хидроелектраната „Тополка“. Во истиот случај сторено е уште едно кривично дело, при што Анѓушев не чекал одобрението за градба да стане правосилно, туку почнал да гради.

„Трето, кога се во прашање сметките на Анѓушев, не постои закон. Владата целосно сака да ги укине давачките за електрични литиум – јонски акумулатори кои ги користи фирмата на Анѓушев. Електрични литиум – јонски акумулатори користи фирмата „Брако“ која е во сопственост на Кочо Анѓушев, и која овие батерии треба да ги вгради во моторни возила за специјална намена – за чистење на улици и патишта со електричен погон. „Брако“ треба да произведе 35 вакви возила во вредност од 2 милиони евра. Со ова личното богатство на Анѓушев дополнително ќе се зголеми на сметка на буџетот кој сите граѓани го полнат. Четврто, Заев се пофали дека ќе дава субвенции на фирма која наводно произведува автобуси, а истата таа има само неколку вработени. Ова отвора сериозен сомнеж дека се работи за начин за испумпување на пари од буџетот. Ова е целосно ставање на државата во полза на неколку фирми во сопственост на криминалните кланови на власта. Заради ваквиот начин на работење граѓаните ќе го казнат СДС на претстојните локални избори на 15-ти октомври“, рече Јакимовска.