
Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Аеродром, Ивица Коневски попладнево се сретна со жителите на населбата Јане Сандански, во непосредна близина на висококатниците Скај сити, со кои во пријатна и опуштена атмосфера поразговара за проектите кои ги планира за развој и унапредување на Аеродром.
-Неселението од овој дел на општината изрази огромна поддршка за големиот број проекти со кој се планира разубавување на оваа урбана населба – реконструкција на оштетени фасади, плочниците и пешачките патеки меѓу зградите, изградба на парк за миленици и поставување метални конструкции за вежбање во парковите, како и за големиот број активности за почиста и поздрава околина. Општина Аеродром изминатите неколку години стана препознатлива по своите паркови, но ние ветуваме дека и во иднина, секое место кое го дозволува тоа, ќе продолжиме да го претвораме во мал зелен рај. Во овој дел на општината предвидовме изградба на нов парк на раскрсницата меѓу булеварите „Јане Сандански“ и „Србија“. Со изградбата на овој парк не само што аеродромци ќе добијат уште едно пријатно зелено катче, туку и на долгорочен план ќе се дејствува врз намалување на загадувањето на воздухот. Но, на средбата жителите дадоа голема поддршка и за првата гимназија, која доколку ја добиеме вашата поддршка, планираме да ја изградиме во тој дел на Аеродром, во срцето на нашата општина. Со тоа, средношколците од Аеродром ќе добијат училиште во близина на своите домови, што ќе биде од голема корист за нив и за нивните семејства, истакна Коневски.
Тој посочи дека првата гимназија ќе го подигне нивото на образовниот процес, што е еден од неговите приоритети и за наредните четири години.