
Најмалку 58 луѓе се убиени а повеќе од 515 се ранети во неделата на музичкиот фестивал во Лас Вегас во најсмртоносниот вооружен напад во американската историја којшто американскиот претседател Доналд Трамп го нарече „акт на вистинското зло“.
Според последните официјални податоци кои ги потврди во понеделникот вечерта на прес-конференција шерифот на Лас Вегас, Џозеф Ломбардо, убиени се најмалку 58 луѓе а уште повеќе од 515 се ранети во масакрот кога 64-годишниот Стивен Педок пукал врз публиката на фестивалот „Route 91 Harvest“ на кој присуствувале 22.000 луѓе од својата соба на 32-от кат од хотелскиот комплекс „Mandalay Bay“ во Лас Вегас.
Во телевизиското обраќање од Белата куќа, американскиот претседател Доналд Трамп истакна дека земјата чувствува „тага, шок и жали“. Го пофали дејствувањето на полицијата која го лоцирала Педок на 32-от кат од хотелот и за неколку минути влегла во неговата соба.
„Брзината со којашто дејствувале е неверојатна и спречи натамошни загуби на животи. Да се најде стрелец толку брзо по првите истрели е нешто поради што засекогаш ќе биде благодарни. Тоа покажува што е вистинска професионалност“, истакна Трамп.
Полицијата соопшти дека нападот го извел сам и дека најверојатно не е поврзан со милитантни групации.
„Немаме сознанија какви му биле ставовите. Пронајдовме големо количество оружје во собата во којашто престојувал“, изјави шерифот Ломбардо.
Од полициски извори медиумите дознаваат дека во хотелската соба биле пронајдени најмалку осум до десет парчиња огнено оружје. Педок си го одзел животот при обидот да биде уапсен.
Џихадистичката организација Исламска држава ја презема одговорноста за нападот, тврдејќи дека напаѓачот пред неколку месеци минал во исламот, меѓутоа американски службени лица тврдат дека за тоа не постојат никакви докази.
Според изјавата на неговиот брат за телевизиската мрежа NBC News, Стивен Педок бил во пензија, како и многу жители на Месквито во кој 2015 година купил куќа. Поседувал пилотска дозвола. При претресот на неговиот дом откриено е изесно количество оружје и муниција, што според полицијата е во рамките на очекуваното во област од земјата во којашто се многубројни сопственици на оружје.