
Вечерва ќе упатиме една јасна и недвосмислена порака до сите, порака дека и во наредните 4 години, заедно со вас, ќе продолжиме неуморно да работиме за просперитетно Крушево и порака дека за секогаш цврсто ќе стоиме и никогаш нема да отстапиме од бедемот за одбрана на нашата татковина, Република Македонија. Ова го порача кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Крушево, Ѓорги Дамчески.
На сограѓаните им порача дека исто како и пред 4 години, кога ја доби поддршката од нив, ветува дека посветено и одговорно ќе ја извршува функцијата. Во минатиот мандат реализираше низа проекти кои Крушево го направија подобар град за живеење и поатрактивен за посетување.
-Во изминативе 4 години со работа реализиравме повеќе од 130 проекти за Крушево. Во патната инфраструктура се вложени повеќе од 1.000.000 евра. Извршивме реконструкција на 27 километри регионален пат од Стопанство – Крушево – Демир Хисар и поставивме хоризонтална и вертикална сигнализација. Извршивме темелна реконструкција на патниот правец Свето Митрани-Бучин во должина од 7 километри. Асфалтиравме улици во с.Бучин и с.Врбоец во должина од 2 км. Го уредивме, проширивме, осветливме влезот на градот, ја асфалтиравме главната сообраќајница и три споредни улици во градот во должина од 2,6 километри. Реконструиравме и поплочивме со бекатон плочки повеќе од 10.000 м2. улици во Крушево и помалите населени места. Со посветено, одговорно и домаќинско работење пристапивме кон решавање на со децении одлаганите комунални проблеми на жителите на општина Крушево. Пред се решавање на водоснабдувањето. Обезбедивме по природен пат доток на нови 5 литри во секунда од падините на Бушова Планина. Изградивме цевковод во должина од 9 километри од Регионалниот водовод Студенчица до с.Свето Митрани. Поставивме водомери на јавна површина во 4 рурални населени места, реконструиравме 1.100 метри секундарна водоводна мрежа во градот, истакна тој пред сограѓаните.