Во Барселона протест на противниците на независност на Каталонија

Десетици илјади луѓе, според полициски процени околу 350.000 а според организаторите дури меѓу 930.000 и 950.000, во неделата излегоа на улиците на каталонската престолнина Барселона за да го изразат своето противење на објавување на независноста од Шпанија, што во оцените на шпанските медиуми покажува колку овој регион е поделен по прашањето на независноста.

Демонстрантите се собраа во центарот на Барселона со знамиња на Каталонија и на Шпанија и транспаренти на коишто пишува „Каталонија е Шпанија“ и „Заедно сме посилни“, дека политичарите на двете страни уште подлабоко се вкопаа во своите ставови во најголемата политика криза во земјата по воведувањето на демократијата во 1977 година по смртта на диктаторот Франциско Франко.

„Се чувствуваме и Каталонци и Шпанци. Се соочуваме со страшна непозната. Ќе видиме што ќе се случи оваа седмица, но мораме да зборуваме многу гласно за да тие да знаат што ние сакаме“, вели за Reuters 72-годишната демонстрантка Арасели Понзе.

Протестите во Барселона ги организираше здружението Каталонско граѓанско општество, кое се противи на независноста, под мотото „Да се вразумиме“ за да го мобилизира, како што верува, „тивкото мнозинство“ граѓани на Каталонија.

Под слоганот „Доста е! Да се вразумиме“, собирот во неделата го поддржуваат неколку политички партии кои се противат на каталонската независност, главно левичарски и етаблираните големи партии во Шпанија – конзервативците и социјалистите, како и некои познати лица, меѓу кои и добитникот на Нобеловата награда за книжевност перуанскиот писател Марија Варгас Љоса, кој е со перуанско-шпанско потекло кој независноста на Каталонија ја нарече „болест којашто регионот може да го претвори во нова Босна“.

Во саботата на повик на граѓанската иницијатива повеќе десетици илајди лица, облечени во бело, се собраа во неколку градови во Шпанија барајќи „дијалог“ меѓу Каталонците и остатокот од земјата за да се најде излез од големата политичка криза. Дијалог кој шпанскиот премиер Маријано Рахој не го предвидува условувајќи го со откажувањето на сепаратистичките челници на овој моќен автономен регион од желбата да прогласат независност.

„Сакам заканата за прогласувањето независност да биде повлечена што поскоро, бидејќи ништо не може да се изгради доколку не исчезне заканата по националното единство“, изјави Рахој, шеф на конзервативната влада во интервјуто за дневниот весник El Pais во кое навестува и преземање дополнителни суспендирања на регионалните органи доколку каталонските челници не се откажат од намерата и предупредува дека независноста ќе има последици и по Европската унија и воопшто по Европа.

Рахој во саботата изјави и дека не исклучува и менување на каталонската влада и распишување нови локални избори, доколку сегашната прогласи независност, како и суспендирање на сегашниот автономен статус на регионот. Меѓутоа, според коментаторите, тоа може да биде чекор кој ќе оди во прилог на спротивната страна и продлабочувањето на кризата.

Според најавите, каталонскиот претседател Карлес Пучдемон во вторник ќе се обрати пред регионалниот парламент, а притоа би можел и еднострано да ја прогласи независноста.