Трамп бара ѕид на границата, остри мерки против малолетниците

© AFP 2017 / Nicholas Kamm

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој вети дека ќе соработува со демократите за да се заштитат младите луѓе кои илегално влегле во САД како деца, побара во неделата во договорот да се вклучат и средства за финансирање на ѕидот на границата и уште неколку илјади вработени во бироата за имиграија, меѓутоа пратениците на Демократската партија ги отфрлија неговите барања.

Листата на „имигрантските принципи“ на претседателот Доналд Трамп, содржана во документот кој на увид го имала агенцијата Reuters, вклучува поостри мерки против малолетниците кои без придружба влегле во САД, главно од Средна Америка. Планот на челниците на републиканците и на демократите во Конгресот им е предаден во неделата вечерта.

Белата куќа сака планот да биде основата на коајшто ќе се гради имиграциската реформа во Конгресот и да следи носење закон кој ќе ја замени Постапката за одложување на депортацијата за имигрантие кои во земјата влегле како деца (DACA – Deferred Action for Childhood Arrivals), програма од времето на администрацијата на претходниот претседател Барак Обама од Демократската партија. Со неа речиси 800.000 таканаречени „сонувачи“ беа заштитени од депортирање и им се гарантираа работни дозволи, коишто ги укина во септември републиканецот Доналд Трамп.

Предлозите на Трамп вклучуваат и вработување на уште 370 имиграциски судии, 1.000 адвокати за имиграција и царинска агенција, 300 сојузни тужители и уште 10.000 агенти за спроведување на имиграциските закони.

„Претседателот јасно кажа дека сака Конгресот да дејствува и да донесе одговорна имиграциска реформа, заедно со каков и да е закон поврзан со DACA“, изјави портпаролката на Белата куќа, Линдзи Волтерс.

Трамп на Конгресот му соопштил дека има шест месеци да го состави законот кој ќе им помогне на „сонувачите“, кои се само мал дел од 11-те милиони илегални имигранти во САД, повеќето од хиспаноамериканско потекло.

Демократските претставници во Конгресот ги отфрлија барања на претседателот Трамп.

„На состанокот му кажавме на претседателот дека сме отворени за разумни мерки за безбедноста на границата со Закон за имигрантите кои во САД влегле како деца, но листата ги минува рамките на разумното. Овој предлог не претставува обид за компромис. Списокот вклучува ѕид, кој експлицитно е исфрлен од преговорите“, истакнаа двајцата највисоки претставници на демократите во Конгресот, сенаторот Чак Шумер и пратеничката Ненси Пелоси во заедничкото соопштение.