Вселенска станица се движи неконтролирано кон Земјата

Вселенската станица Тиангонг-1, тешка 8,5 тони го забрзува својот неконтролиран пад, а нејзиниот контакт со Земјината површина треба да се случи за неколку месеци.

Како што пишува британски Гардијан, Тиангонг (во превод Рајска палата) беше испратена во Земјината орбита во 2011 година. Станицата беше користена за мисии со екипаж и без него, но во историјата влезе како место на првата вселенска мисија на жена-астронаут од Кина.

Владата во Пекинг минатата година соопшти дека комуникацијата и контролата врз станицата е изгубена и дека таа ќе се урне на Земјата. Тиангонг во изминатите недели почна да влегува во погустите делови на атмосферата, поради што нејзиниот пад почна да добива на забрзување.

Се проценува дека поголемиот дел од станицата ќе изгори во атмосферата, но, според астрофизичарот Џонатан Мекдауел, нејзини делови тешки и до 100 килограми сепак ќе паднат на Земјата.

Кинеската вселенска агенција ги информираше Обединетите нации дека Тиангонг-1 ќе се урне во периодот меѓу октомври 2017 и април 2018 година. шансите нејзините остатоци некого да повредат или убијат се минимални, но Пекинг се обврза дека ќе ги информира ОН кога падот конечно ќе почне.

Мекдауел, меѓутоа, тврди дека тешко може да се одредат точното време и локацијата на падот, дури и само неколку дена пред неговиот почеток. Тој смета дека, во најдобар случај, може да станува збор за само неколку часа.