
Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР е необјективен и не ја одразува фактичката состојба на изборниот процес, вклучувајќи го и денот на гласањето. Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР повеќе е замижување и перење на сите нерегуларности, отколку изнесување на виделина и прецизно посочување на одговорните за очигледните нарушувања. Изборите не може да бидат одржани во конкурентно опкружување со почитување на темелните слободи, а истовремено да се констатираат кредибилни, докажани, очигледни наводи за купување на гласови, притисок врз гласачите и како што тие велат изолирани случаи на насилство, истакна Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
-Во најмала рака е неодговорно и некредибилно во фуснота да се сокрие убиство на учесник во изборниот процес кое дејство, само по себе фрла огромна дамка на изборите. Неодговорно и некредибилно е нападот врз кандидат за градоначалник да биде образложуван со наводно изложување на тензиите и висок степен на поларизација во ромската заедница, внимавајте станува збор за претепан актуелен градоначалник и кандидат кој што половина од кампањата мораше да помине во постела односно во болница и домашно лекување. Неодговорно и некредибилно е да се наведува дека владата усвоила закони со кои се обезбедуваат финансиски и социјални бенефиции за граѓаните, да се нотира дека се користат државни ресурси за водење на кампања и дека се замаглува границата помеѓу државата и партијата, а притоа да не се оди подлабоко, поконкретно и да се посочат одговорните за овие злоупотреби, што не беше случај во претходните извештаи. Во претходните извештаи ваквите недостатоци многу пошироко беа објаснети, многу поконкретно со директно посочување, а сега тоа го немаше.
Неодговорно и некредибилно, додаде Ѓорчев, е да се наведе дека националниот сервис обезбеди доминантно покривање на владејачката коалиција, издвојувајќи 37% од времето без да се констатира на што се должи пристрасноста во информирањето.
-Неодговорно и некредибилно е да се наведува и нотира дека ВМРО-ДПМНЕ, а во помала мерка и СДС користеле негативни пораки на митинзите, кога реалноста беше сосема поинаква. Настапите на Зоран Заев и СДС беа секојдневно исполнети со навреди, закани и омаловажувања дури и кон граѓаните. Настапите на ВМРО-ДПМНЕ беа афирмативни, за проекти и за политичка понуда. Имавме дијаметрално спротивна кампања, извештајот вели, се нотира дека ВМРО-ДПМНЕ имала слична кампања како СДС, апсолутно не е точно. Бројните хајки по и врз функционерите на ВМРО-ДПМНЕ кои претходеа беа во функција на втерување страв кај гласачите и особено активистите на ВМРО-ДПМНЕ, како порака дека секоја нивна закана може да се реализира кон секого. Случаите со недостаток на гласачки ливчиња, пронајдени гласачки ливчиња од една во друга општина со заокружени имиња на кандидати, беа само потврда за организирано лажирање на изборниот процес од страна на власта на СДС, рече Ѓорчев и додаде:
„Евидентно беше следењето на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ при нивното одење од врата на врата насекаде низ Македонија каде што 15-тина минути по нив на истите адреси пристигнуваа активисти на СДС со суптилно испраќање закани и предупредувања во случај на поддршка на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Пред очите на полицијата како чуварска служба се кинеа што туку залепените плакати на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Полицијата беше активен учесник во изборите, но не како неутрална туку апсолутно на страна на СДС, како никогаш до сега полицијата и МВР беа употребени односно изборно злоупотребени. Ако во поранешните избори од осамостојувањето наваму, се регистрирале поткупи или обиди за поткупи главно во одредени населби, овој пат тоа беше далеку помасовно и беше широко распространето, и во руралните, и во урбаните односно градските средини, при што тарифата која што ја даваше СДСМ беше помеѓу 50 и 100 евра. Полицијата беше главен заштитник на поткупувачите, и во најголем број случаи, таа функционираше како нивна стражарска служба, што беше констатирано на огромен број места од поставените стражи на ВМРО-ДПМНЕ, односно чувари на изборната волја, кои беа запирани кога се упатуваа кон поткупувачите“.
Заплашувањата, додаде тој, со различни суптилни методи беа упатувани не само до неутрални гласачи, туку и до активисти, а дел и до претседатели на месните комитети на ВМРО-ДПМНЕ во правец на нивно пасивизирање доколку сакаат да одбегнат непријатности од новата власт на СДС.
-Користејќи ја моќта на извршната власт, односно владините ресурси на многу потенцијални гласачи на ВМРО-ДПМНЕ кои беа потсетувани и посетувани од активисти на СДС им беше испраќана директна или суптилна закана дека останувањето дома на денот на гласањето е од нивна корист користејќи најразлични нивни приватни проблеми или можност за проблеми. Ништо од ова не е наведено во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР што укажува на тенденција на покривање на се она што јавноста можеше да го види и констатира во текот на гласањето и во текот на денот на изборите. ВМРО-ДПМНЕ во врска со сите нерегуларности до Државната изборна комисија поднесе 43 приговори за 94 избирачки места. Приговорите главно се однесуваат на неспроведување на гласањето односно на изборниот процес во согласност со изборниот законик, регистрирано семејно гласање, притисок врз гласачите и организирано носење на гласачките места.