
Град Скопје во четвртокот реагира на информациите раширени во некои медиуми и социјалните мрежи дека наводно е оштетен асфалтот на булеварот „Партизански одреди“ веднаш по реконструкцијата, појаснувајќи дека сѐ уште се во тек градежните работи.
„Претходно, беше извршена санација на коловозот пред автобуските стојалишта (пред Симпо) и поставен времен асфалтен слој се додека не се постави финален асфалтен слој на потегот од улицата ‘Франклин Рузвелт’ до раскрсницата со булеварот ‘8-ми Септември’, како што е предвидено во проектот за реконструкција. Периодов, се работи на реконструкција на коловозот пред автобуските стојалишта од спротивната страна на булеварот ‘Партизански одреди’ (спроти Симпо)“, стои во соопштението на Град Скопје.
Со оваа реконструкција, истакнуваат натаму скопските општински власти, ќе се изврши гребење на постојниот асфалт и ќе се нанесат два слоја асфалт на шесте ленти на потег во должина од околу 900 метри, или околу 1.900 метри во двата правца.