
Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) без никакви проблеми ги спроведува своите инспекции во Иран, а Техеран е многу претпазлив по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да не го потврди договорот за иранската нуклеарна програма, изјави во четвртокот челникот на оваа организација Јукија Амано.
„Одлуката на Доналд Трамп е донесена многу скоро. Но можам да кажам дека Иранците се многу претпазливи и ние без проблеми ги продолжуваме нашите контроли“, изјави челникот на IAEA, Јукија Амано кој престојува во посета на Париз каде што разговараше со министерот за надворешни работи на Франција, Жан-Ив Ле Дријан.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја објави својата одлука да не го потврди историскиот договор склучен во 2015 година во Виена меѓу Техеран и шесте светски сили, САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција како постојани членки на Советот за безбедност при Обединетите нации, плус Германија и со присуство на Европската унија. Со договорот Иран се обврзува да го стопира збогатувањето на ураниум до нивото од кое може лесно да се произведе нуклеарна бомба, за возврат на укинувањето на децениските економски санкции.
Одбивањето на Трамп да го потврди договорот доведува до почеток на голема несигурност, а на американскиот Конгрес му дава 60 дена за повторно воведување или отфрлање на тешките економски санкции против Иран коишто ги укина во 2016 година, како што предвидува текстот од договорот.
„Имавме пристап на местата коишто требаше да ги посетиме“, гарантира Амано чијашто организација е задолжена за надзор на почитувањето на договорот и извршување редовни инспекции во Иран. Меѓутоа, САД бараат таквите инспекции да бидат посложени.
Амано претпладнето се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон, кој потсети на француската приврзаност на договорот од Виена и побара од IAEA да следи дали Иран целосно ги почитува одредбите од договорот.