Во Венето и Ломбардија гласаат за поголема автономија

Двете богати региони на северот од Италија, Венето и Ломбардија, во неделата одржуваат советодавни референдуми за поголема автономија, бидејќи сакаат да се ослободат од притисокот на расипничкиот Рим, но засега одбиваат секакви споредби со сецесионистичката Каталонија.

Во споменатите региони сметаат дека немаат доволно полза од даноците коишто ги уплатуваат во централниот државен буџет, што е една од заедничките забелешки како и на каталонските регионални власти кои изминатите години одржаа неколку вакви советодавни референдуми. Ценето и Ломбардија сакаат поголема автономија во областа на доселувањето на имигрантите, во здравството, образованието и инфраструктурата.

Минатата година негативната разлика меѓу износот кој жителите на Венето го уплатиле на име на даноци и го добиле назад низ јавната потрошувачка изнесувала 15,5 милијарди евра. Во случајот на Ломбардија, таа разлика, пак, изнесува дури 54 милијарди евра. Како за споредба, во Каталонија станува збор за негативна разлика меѓу уплатата и повратот од 8 милијарди евра.

Челниците на регионалните власти на Венето и на Ломбардија, Лука Заиа и Роберто Марони, и двајцата членови на десната Северна лига, којашто неретко пропагира голема автономија од централните власти во Рим, би сакале да располагаат барем со половината од споменатите суми.

„Не би претставувало проблем доколку тие даноци се добро вложени, но вистината е дека на национално ниво секога година се растураат 30 милијарди евра“, изјави за AFP, Лука Заиа.

Референдумите ги поддржува целиот спектар партии од десниот центар, вклучително и партијата на поранешниот италијански премиер Сивлио Берлускони, Напред Италија, и антиестаблишмент и евроскептичното движење Пет ѕвезди, како и здруженијата на работодавачите и синдикатите.

Левичарите, како што е Комунистичката партија, сметаат, пак, дека станува збор за „расипништво на јавните пари“, и „фарси“, и ги повикуваат луѓето да не излегуваат на избирачките места. Владејачката на централно ниво Демократска партија, од левиот центар, не се изјасни, но неколку нејзини истакнати членови, како градоначалникот на Милано, изјавија дека ќе гласаат за поголема автономија.

Референдумите се во согласност со Уставот на Италија, кој предвидува дека парламентот може на регионите да им даде поголема автономија, доколку тие тоа го побараат, појаснува професорот по уставно право Никола Лупо од римскиот универзитет Луис. Истакнува, исто така, дека Венето и Ломбардија се наоѓаат недалеку од регионите со посебен статус, коишто веќе имаат поголема финансиска автономија, како што е Трентино-Јужен Тирол, каде што има значително австриско население.

Доколку изборат победа на гласањата, Марони и Заиа планираат да побараат поголеми овластувања во областа на здравството, образованието и инфраструктурата, како и овластувања коишто инаку се резервирани за централната државна власт, како што се безбедноста и имиграцијата, што се омилените тема и на Северната лига. За тоа, меѓутоа, би требало да се промени италијанскиот Устав.

На овие референдуми не станува збор за сецесија. Марони постојано повторува дека референдумот се одржува „во рамките на националното единство“ и оти има за цел „реформа на односите меѓу централната влада и регионалните влади“. Заиа вели дека какво и да е повлекување паралели со Каталонија претставува обид да се обесхрабрат гласачите за поголема автономија.

„Сличностите со Каталонија се минимални“, истакнува професорот Лупо, појаснувајќи дека поддршката за независноста во овие два региона не е многу раширена.