
Филипинскиот претседател Родриго Дутерте денеска доби голема донација во воена опрема од Русија, во која има 5.000 АК-74М пушки калашников и 20 камиони, јави германскаа новинска агенција ДПА.
Донацијата му била презентирана на Дутерте на рускиот брод за борба со подморници, „Адмирал Пантелејев“ кој во моментов е закотвен во пристаништето Манила. На Дутерте, исто така, му била презентирана и борбената способност на бродот.
Како дел од донацијата, Русија, исто така, дала и еден милион шаржери со куршуми со челично јадро и 5.000 челични шлемови.
На предавањето на донацијата присуствувале и филипинскиот секретар за одбрана, Делфин Лорензана, и рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу.
Еден ден претходно, Лорензана и Шојгу потпишаа договор за воена и техничка соработка меѓу Русија и Филипините, на маргините од состанокот на министрите за одбрана на АСЕАН во Кларк Фрипорт, во филипинската провицнија Пампанга.
Договорот вклучува воена и техничка соработка за истражување, поддршка на производството, како и можна размена на експерти и обука на персонал за заеднички програми.
Дутерте, кој ја презеде функцијата во јуни 2016 година, од неодамна го интензивира развојот на односите со Русија и Кина. Третпат руска морнарица е во посета на Филипините откако тој стана претседател.