Европарламентарците бараат укинување на менувањето на времето

Во Европскиот парламент, по сѐ повеќето докази за негативното влијание на стрелките на часовниците двапати годишно, постои силна поддршка за промената на директивата на Европската комисија и укинување на оваа практика, изјави во средата на прес-конференција чешкиот европарламентарец Павел Свобода од парламентарната група на Европската народна партија (EPP).

„Научните истражувања покажаа дека 20 отсто од популацијата пати од здравствени проблеми поради менувања на часот“, истакна европскиот парламентарец Павел Свобода, водач на неформалната работна група формирана околу оваа иницијатива.

Освен негативното влијание врз човечкиот биоритам, „поместувањето на стрелките на часовникот доведува и до поголем број сообраќајни несреќи, повеќе нарушувања во семејствата, како и пад на продуктивноста на работните места“, тврдеше Свобода во изјавата пред новинарите во Европскиот парламент во Стразбур.

Истакна, исто така, дека менувањето на часовите е воведено со цел да се заштеди енергија, но дека таа цел никогаш не била исполнета. „Студијата на непристрасната служба на Европскиот парламент за истражувања јасно покажа дека укинувањето на промената на времето е добро за нашите 510 милиони граѓани“, тврди Свобода.

Работната група брои над 70 пратеници во Европскиот парламент од сите осум политички групации застапени во него.

Како што тврдеше Свобода на прес-конференцијата на којашто присуствуваа повеќе европратеници кои ја поддржуваат иницијативата, предлогот има силна поддршка меѓу земјите членки, при што Полска веќе ги направила првите законодавни чекори по ова прашање.

Чешкиот европратеник најави дека работната група за укинување на промената на времето ќе даде предлог резолуција во Европскиот парламент која бара од Европската комисија да упати предлог за укинување на ваквата практика, како и дека во блиска иднина очекуваат гласање за ова прашање во парламентот.

Оваа тема веќе беше расправана во германскиот и во шведскиот парламент, додека предлогот наидува на сѐ поголема поддршка преку петиции коишто ги потпишале десетици илјади луѓе, на пример во Финска 100.000, повеќе од 55.000 во Германија и 40.000 во Холандија.