Баерн подобар во дербито со Лајпциг, нов неуспех на Борусија Дортмунд

Во дербито на 10-то коло на германската Бундес лига, минхенски Баерн во саботата на домашен терен против Лајпциг победи со 2:0 , додека водечката Борусија Дортмунд доживеа нов шок откако беше поразена од Хановер со 2:4.

Клучниот момент на мечот во Минхен, се одигра во 13 минута, кога гостите останаа со играч помалку, бидејќи беше исклучен бекот Вили Орбан. Победата на Баерн, кој го презема водството на табелата, му ја донесоа Џејмс Родригез во 19 минута и Роберт Левандовски во 38 минута.

Борусија Дортмунд доживеа нов шок со поразот од Хановер. До пред три кола Борусија имаше предност пред Баерн од пет бодови, но прво загуби во дербито од Лајпциг со 2:3, а потоа ремизираше со Ајнтрахт Франкфурт 2:2, по водството од 2:0 и сега е поразена од Хановер.

Јонатас во 20 минута го доведе домашниот Хановер во водство од пенал. Мечот долго ќе го памети бекот на Борусија Дан-Аксел Загаду, кој во 28 минута изедначи за 1:1, но во 59 минута поради прекршок на 20 метри од својот гол доби црвен картон, а Феликс Клаус по тој слободен удар погоди за водство на Хановер на 3:2. Претходно за домашните постигна гол Ихлас Бебу бо 39 минута, а повторно за гостите изедначи во 52 минута Андри Јармоленко. Конечниот резултат го постигна со вториот погодок Бебу во 86 минута.

Хофенхајм, кој поведе во 25 минута со погодокот на Демирбај, но загуби од Борусија Менхенгладбах со 1:3. Победата на гостите им ја донесоа Торган Азар во 61 минута, Матијас Гинтер во 79 минута и Јаник Фестергаард во 82 минута.

Келн поведе со голот на Серу Жуирасу во 23 минута, но домашниот Баер Леверкузен направи целосен пресврт со головите на Леон Баилеј во 53 и Свен Бендер во 73 минута.

Хера во Берлин го совлада Хамбург со 2:1. Стрелци беа Никлас Штарк во 17 и Карим Рекик во 50 минута, додека за госприте во 73 минута намали Жан-Фит Арп.

Шалке поведе во 43 минута од пеналот што го изведе Набил Бенталеб, а бод на гостинскиот Волфсбург им донесе во третата минута од судиското продолжение Дивок Ориги.

Во петокот Мајнц и Ајнтрахт од Франкфурт одиграа 1:1.