Муслин веќе не ја води фудбалската репрезентација на Србија

Српскиот фудбалски сојуз (ФСС) во понеделникот договорно ја прекина соработката со досегашниот селектор Славољуб Муслин и покрај пласманот на репрезентацијата на Светското првенство коешто идното лето ќе се игра го Русија, а таа должност извесно време ќе ја извршува досегашниот негов помошник Младен Крстајиќ.

По осум години, Славољуб Муслин успеа да ја одведе Србија на големо фудбалско натпреварување, но ФСС по седницата на Комисијата за итни прашања објави дека тој нема да ја води селекцијата следната година во Русија. Крстајиќ ќе ја води репрезентацијата во претстојните пријателски натпревари спротив Кина и Јужна Кореја.

И покрај фактот што Муслин успеа со репрезентацијата да избори учество на мундијалот, последните седмици во јавноста беше критикувана неговата работа, незадоволство од игрите во последните квалификациски натпревари, а особено по неочекуваниот пораз од Австрија во Виена и тесната победа против Грузија во Белград од 1:0. На Муслин најмногу му се забележува тоа што не го повика во репрезентацијата играчот од средниот ред на Лацио, Сергеј Милинковиќ-Савиќ и покрај неговите одлични игри поради што го бараат најбогатите европски клубови.

„Се разотидовме бидејќи не гледаме на ист начин како треба да изгледа тимот на Светското првенство во Русија. Во моментов не сум во Србија, кога ќе се вратам можеме да зборуваме за таа тема“, изјави Муслин за белградскиот весник Ало, а медиумите тврдат дека досегашниот селектор се наоѓа во Франција.

Од ФСС засега нема навесувања кој би можел да го замени Муслин на селекторската клупа на националниот тим, а во спортските кулори се нагаѓа дека изборот може да падне на некогашниот југословенски репрезентативец Драган Стојкович Пикси, актуелен тренер на кинескиот прволигаш Гуанжу.

Србија директно се пласираше на Светското првенство во Русија во 2018 година, како прва во својата група.