Партијата на Пуџдемон ќе учествува на декемвриските избори

Каталонската Европска демократска партија на Карлес Пуџдемон најави дека ќе учествува на изборите во декември, кои ги распиша Владата на Шпанија.

– Одиме на изборите на 21 декември. Одиме на избори убедени и посветени да им овозможиме на Каталонците да го дадат својот глас, соопшти партијата.

Шпанската Влада ги распушти регионалните власти на Каталонија и закажа нови избори, а шпанското обвинителство денеска поднесе обвиненија против Пуџдемон за бунт, по што тој побегна во Брисел.

Се очекува изборите во декември да претставуваат де факто нов референдум за независност, и од резултатот што ќе го постигнат партиите кои се залагаат за независност на Каталонија може да зависи натамошниот тек на политичката криза.