
Активно се бориме против корупцијата и не случајно двајца членови на Владата веќе се под истрага, ова денеска го кажа премиерот Зоран Заев на самитот Македонија 2025. Оваа изјава на Заев подоцна беше корегирана преку соопштение од Владата.
– Сузбивањето на корупцијата е многу важно прашање за регионот и за Македонија во правец на привлекување на инвестиции. Истрагите за двајцата членови на Владата се водат врз основа на јавување на граѓани. Тука се само два месеца и веќе се под истрага. Други детали не можам да кажам, рече Заев.
Медиумите и агенциите пренесоа дека Заев рекол дека „двајца членови на Владата се под истрага поради корупција“.
Во соопштението на Владата, пак, се наведува дека премиерот во изјавата рекол дека „се води истрага против двајца високи претставници на власта“.
Инаку, Заев изјавата ја дал на англиски јазик, одговарајќи на прашања на учесниците на панел-дискусијата.
– Доколку ние ги фокусираме нашите напори да ја искорениме корупцијата, овој чекор ќе биде силен ветер во грб за целото општество. Но, исто така, транспарентноста е многу важна. Ова го кажувам првпат, јас постојано ги охрабрувам граѓаните на нашето општество да пријавуваат потенцијални случаи на корупција и како резултат на тоа, во моментов се води истрага по овие дојави за двајца високи претставници на власта, кои се на должност неколку месеци. Се разбира, ова е само истрага, не можеме да откриваме повеќе детали. Со ова сакам да кажам дека законот мора да важи еднакво за сите – изјавил Заев, пишува во соопштението на Владата.
Гласно се поставува тука прашањето од каде Владата предводена од СДСМ има информации какви истраги и против кого води Обвинителството, како премиерот ги има овие информации, ако се знае дека информациите за работата на Обвинителството се тајни. Од Владата се уште нема одговор за спрегата со Обвинителството.
Со реакција за изјавата на Заев излезе и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму велат дека со изјавата на Зоран Заев дека обвинителството водело истрага за криминал на двајца членови од владата, Заев потврдува дека постои директна спрега помеѓу СДСМ и јавното обвинителство кое се користи за механизам за дисциплинирање, закана и уцена.
-Имено, постапките во обвинителствата се тајни и во ниту еден случај премиерот не би требало нити би можело да знае што работат обвинителите кои се посебен државен орган, но со оваа изјава на премиерот се потврдува дека Заев во суштина е нарачател на работата на обвинителите, факт кој е скандалозен и тотално незаконски. Сега е јасно дека Заев освен што е инсталиран премиер, е и шеф и на државното и на специјалното обвинителство, со што се врши директно загрозување на функционирањето на правниот систем , и од тука не е воопшто чудно што на срамен начин се организираа, легитимираа и легализираа најкриминалните избори кои се случија во изминатиот месец, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ и се додава:
„Сето ова е театар во кој Заев аболиран за криминалот во Глобал од 8.5 милиони евра, човек против кој се одолговлекува судски случај за барање на мито од 200 илјади евра, и кој во Струмица на своите фирми, и фирмите на своите братучеди и блиски им делеше милионски тендери, сака да се престави како лажен борец за правда. Бидејќи веќе и јавно не се крие спрегата помеѓу обвинителство и СДСМ, го повикуваме Заев јавно да ги објави осомничените криминалци од неговата влада“.