
За дури 3 денари по литар Владата ќе ја зголеми акцизата за нафтата, објави министерот за финансии Драган Тевдовски. Според него, од оваа мерка се очекува буџетот дополнително да се наполни за 1,6 милијарди денари кај акцизата и дополнителни 350 милиони денари од приливот на ДДВ.
Овие мерки на Владата, кои стапуваат на сила од први јануари, 2018 година, односно за околу два месеци, дополнително ќе ја зголемат цената на дизел горивото за 3,54 денари за еден литар.
Експертите коментираат дека зголемената цена на дизел горивото, ќе повлече зголемувања на голем број производи кои граѓаните ги купуваат секојдневно, бидејќи ќе поскапи транспортот. Поскапувањето на нафтата ќе предизвика и зголелемни трошоци за оние семејства кои се греат на овој вид гориво. На удар е и земјоделието, зошто земјоделските машини се на дизелски погон. Исто така, ова може да доведе до зголемување и на цените во градскиот сообраќај во Скопје, во превозот на меѓуградскиот сообраќај, но и такси превозот. Но, најважно е тоа што најголем дел од граѓаните на Македонија поседуваат возила на дизел гориво, бидејќи нафтата е поефтина. Зголемувањето на давачката за Владата, во висина од 3 денари за еден литар нафта, ќе доведе до дополнителен удар врз џебот на граѓаните, кој и онака е многу сиромашен.
Во рамки на Буџетот за 2018 година планирани се вкупни приходи на 193, 5 милијарди денари, односно 4,7 отсто повисоки од годинава. Расходите се планирани на 211, 7 милијарди денари, односно 4,1 отсто повисоки од годинава. Буџетскиот дефицит ќе изнесува 18, 2 милијарди денари, односно дефицит од 2,7 отсто од БДП.
Овие мерки предложени од Министерството за финансии се дел од предлог буџетот за 2018 година кој во моментов е на јавна расправа пред да биде пратен во Владата, која пак до 15 ноември треба да го прати во Собранието.
Драган Тевдовски, министер за финансии, кажа дека акцизата на нафтата, поточно на дизелот, се зголемува согласно препораките на Европската Унија, да се дестимулира употребата на дизел горивата за да се намали загaдувањето на животната средина.
Овие средства ќе се искористат за инвестиции во патиштата преку Јавното претпријатие за државни патишта, рече Тевдовски.
Финансирањето на дефицитот ќе биде од домашни и надворешни извори. Се разгледува можност за еврообрзница доколку условите на пазарот бидат поволни за нашата земја бидејќи главна цел на Владата е граѓаните што помалку да бидат задолжувани.