
Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година, Благоја Милевски, го објави списокот играчи за претстојниот дуел со Австрија од квалификациите за Европското првенство 2019 година.
Милевски за овој натпревар повика четири дебитанти, а ги нема Елиф Елмас кој ќе настапи за селекцијата до 19 години, додека Никола Ѓорѓев е повикан за пријателскиот дуел на сениорите со Норвешка. Првпат повик добија Влатко Стојановски од хрватски Дугополје, Нехар Садики од Работнички, Ристе Јанков од Локомотива и Филип Трајчевски од Победа Валандово.
„Сметам дека сите треба да бидеме на повисоко ниво во однос на претходните натпревари, посебно ако го земеме во предвид дуелот со Гибралтар. Тоа е опомена за некои од фудбалерите кои се наоѓаат и на овој список. Дел од репрезентативците кои се лидери во клубовите очигледно имаат проблем да се наметнат во таа улога во националниот тим и овој момент секако ќе биде тема за анализа во периодот кои следува. Австрија е познат противник, знаеме се за противникот, но пак ќе потенцирам, важно е ние како ќе изгледаме на терен“, рече Милевски.
Првиот тренинг репрезентацијата на Македонија до 21 година ќе го има на 8. ноември во 16:00 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје. Натпреварот со Австрија нашата селекција го игра на 14-ти ноември на Националната Арена „Филип Втори“.