
Сириските владини сили поддржани од руската авијација и доброволечките милиции прогласи победа над ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава во источниот град Дер-ез-Зор во петокот, задавајќи им голем удар на џихадистите кои остануваат без своето последно големо упориште во Сирија.
Градот Деир-ез-Зор во истоимената покраина се наоѓа на западниот брег од реката Еуфрат, е најголемиот и најважниот град во источна Сирија и центар за производството на нафта во оваа земја.
„Вооружените сили во соработка со сојузниците сили целосно го ослободија градот Деир-ез-Зор од терористичката организација“, изјавил за Reuters воен извор алудијарќи на Исламската држава.
Во пресрет на последните борби за Деир-ез-Зор, сириските единици влегоа во окрузите Ал-Рашидија, Ал-Арди и градските квартови Ал-Башн и Абу-Адед каде што милитнатите ги пружаа последните отпори.
На почетокот на септември сириската армија ја проби тригодишната блокада на половината од Деир-ез-Зор и речиси истовремено тргнаа во офанзива на источната периферија од градот. Откако џихадистите беа потиснати од стратешките височини на југозападниот дел, сириските сили успеаја да стасаат до западниот брег на Еуфрат и ги потиснаа милитантите од насока на ирачката граница ставајќи ги во обрач квартовите на Деир-ез-Зор под контрола на Исламската држава, по што следеше читестење на градските населби од џихадистите.
Сириската владина армија со поддршка на руските бомбардери и иранските, либанските и другите доброволечки шиитски милиции од регионот сега напредуваат кон последното упориште на Исламската држава. Станува збор за стратешкки значајниот град Аби Камал, којшто, исто така, се наоѓа на западниот брег на реката Еуфрат.
На источниот брег на Еуфрат, пак, притисок врз Исламската држава врши курдско-арапската коалиција помогната од американските специјалци на теренот и воздушните удари на меѓународната коалиција предводена од САД.
Ирачките сили во петокот објавија дека ја започнале својата последна офанзива против Исламската држава на ирачката страна од територијата којашто ја контролираа џихадситите, која се наоѓа на границата меѓу двете земји, навлегувајќи во градот Ал-Каим.