Советник за надворешна политика во кампањата на актуелниот американски претседател Доналд Трамп се сретнал минатата година со руски функционери, објави во петокот весникот The New York Times повикувајќи се на сведочење претходно седмицава пред комисијата на Конгресот.
Во бројните интервјуа дадени последните месеци, советникот Картер Пејџ или демантираше дека се среќавал со руски функционери во текот на неговиот престој во Москва во јули 2016 година или наведуваше дека се среќавал „со некои студенти“, наведува весникот.
Пејџ испратил електронско писмо најмалку на еден помошник во претседателската кампања на Доналд Трамп опишувајќи ги своите согледувања по средби со функционери на руската влада и други, пишува NYT повикувајќи се на неименувано лице наводно запознаено со содржината на пораката.
Според пишувањето на весникот, тоа електронско писмо било прочитано во текот на сведочењето во четвртокот пред комисијата за разузнавачки прашања на Претставничкиот дом, кој ги испитува наводните настојувања на Русија да влијае на изборите во ноември 2016 година во САД, во полза на Трамп и да овозможи договор меѓу кампањата на републиканецот и Русија.
Русија повеќепати повтори дека не се мешала во американските избори, барајќи докази за тоа, припишувајќи ги ваквите обвинувања како резултат на атнируската хистерија во Вашингтон која е плод на тамошните внатрешнополитички превирања. Трамп, исто така, негираше дека бил во каков и да де договор со Москва.
Пејџ во интервјуто за Times во петокот вели дека неговите средби имале некакво значење. „Имав кус разговор со неколку луѓе. Тоа е сѐ“, вели. Според него, едно од лицата со кои се сретнал бил „високо позиционирана личност“, но не сакал да го наведе неговиот идентитет.
Специјалниот обвинител Роберт Мјулер, кој ја запозна јавноста со својата истрага за можниот договор на кампањата на Трамп со Руси, ги обвини во понеделникот поранешниот менаџер на кампањата на претседателскиот кандидат Пол Манафорт и уште еден негов помошник Рик Гејтс, за перење пари. Истиот ден беше објавено дека уште еден советник во кампањата на Трамп, Џорџ Пападопулос признал дека претходно во октомври дал лажен исказ пред Федералното биро за истраги (FBI).
Пејџ на почетокот од годинава веќе беше испитуван од FBI и се појави на сослушувањето во рамкитe на истрага на специјалниот обвинител за овој случај, потсетува NYT.