
Демонстрациите коишто во саботата ги организираше курдската заедница во Германија во Диселдорф се претвори во судири со полицијата и приведувања, пренесува електронското издание на списанието Spiegel.
Врховниот суд на германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија, чијашто престолнина е Диселдорф, претходно заклучи дека на демонстрантите им е забрането да истакнуваат знамиња и транспаренти со ликот на лидерот на Работничката партија на Курдистен (PKK), Абдула Оџалан. Инаку, PKK како и во Турција, Европската унија и САД, и во Германија е на листата терористички организации.
Но и покрај забраната, курдските демонстранти на улиците на Диселдорф излегоа со портрети на Оџалан. Како што изјавила портпаролката на полицијата, властите веднаш реагирале објавувајќи завршување на настанот. Потоа демонстрантите започнале да ја гаѓаат полицијата со разни предмети, којашто одговорила со солзавец. Неколку демонстранти биле приведени, но нивната бројка не е соопштена.
Во средината на септември сличен настан се одржа и во Келн. Поради тие демонстрации амбасадорот на Германија во Анкара беше повикан во турското министерство за надворешни работи каде му беше вложен протест. Турската дипломатија „одлучно ја осуди одлуката за дозволување од страна на германските власти за организирање на настанот од страна на огранокот на PKK во Келн на 16-ти септември и за пропаганда на тероризмот“.