Ќе се интензивира соработката меѓу Македонија и Словачка

Премиерот Зоран Заев се сретна со Мартин Безак, амбасадорот на Република Словачка во Република Македонија, чијшто мандат завршува во земјава, при што е констатирано дела се „отворени перспективи за граѓаните и за Република Македонија, ќе се интензивира соработката меѓу Македонија и Словачка“, извести во вторникот владината служба за односи со јавноста.

Премиерот Заев изразил голема благодарност до амбасадорот во заминување, Безак, за заложбите и придонесот на Словачка, но и личните заложби и придонес на амбасадорот за демократските процеси во Македонија, во остварувањето на евро-интеграциските цели на државата, за пријателството кон граѓаните на Македонија и на државата, секогаш изразени на принципиелен начин.

Амбасадорот Безак, од своја страна, изразил задоволство што ја напушта Македонија „во подобри услови од оние кои ги затекнал во државата пред четири години кога стапил на должноста амбасадор во Македонија, како и дека гледа отворени перспективи за граѓаните и за Република Македонија“, тврдат од службата за односи со јавноста на Владата.

„Огромната поддршка од граѓаните е голема чест и обврска за новата Влада на Република Македонија да обезбеди квалитетен живот за сите, да ја развива Македонија во современа и модерна држава, дел од Европската унија и од НАТО. Посветени сме на потребните реформски процеси, градиме пријателства во регионот и со светот, и ценам дека се реални нашите очекувања за придвижувања и на патот кон ЕУ и на патот кон НАТО“, рекол  Заев.

На средбата било констатирано дека Македонија и Словачка се пријателски држави, постои соработка во областа на економијата, културата, безбедноста и тоа е добра основа за интензивирање на соработката и во овие и во други области од интерес за граѓаните на двете земји.

Безак потенцирал дека Словачка останува поддржувач на Македонија во остварувањето на стратешките цели, а премиерот Заев, во име на граѓаните и на Владата на Република Македонија се заблагодарил и на словачкиот амбасадор Мартин Безак, и на Република Словачка за искреното и конструктивно пријателство.