Научниците појаснуваат што по смртта чувствуваат луѓето

По смртта луѓето осознават дека умреле и го разбираат она што се случува околу нив, велат научниците од медицинскиот факултет Langone при Њујоршкиот универзитет (NYU Langone School of Medicine), чиешто истражување е објавено во интернет изданието LiveScience.

Лекарите ја дефинираат смртта во моментот на срцевиот застој. Крвта престанува да доспева до мозокот, што доведува до речиси непосреден прекин на неговата работа. Во крајна линија, мозочните клетки почнуваат да умираат, но тоа може да потрае и неколку часа по клиничката смрт, смета водачот на истражувачкиот тим Сем Парниа.

Свесноста на човекот, како што натаму се наведува, исто така не се исклучува веднаш по престанокот на отчукувањата на срцето. Луѓето во „првата фаза од смртта“ можат сé уште да ја задржат способноста за перципирање. Суштествен доказ за тоа, како што посочуваат научниците, се случаите кога преживеаните по срцевиот застој во детали можат да опишат што се случило по клиничката смрт.

„Тие велат дека ги виделе лекарите и медицинските сестри како работат и целосно ги слушале нивните разговори – факти коишто инаку не би можеле да ги знаат“, истакнува Парниа.

Како што вели научникот, тие сеќавања биле потврдени и од лекарите, изненадени од тоа што нивните пациенти, коишто во суштина биле мртви, се сеќавале на сите детали за тоа што се случувало околу нив.

Ова, инаку, не е првпат во стручната медицинска литература да се споменува за живот и во текот на долготрајна клиничка смрт на пацинетите.