
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, денеска заедно со Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ го посети стационарот за хуман третман на уличните кучиња „Вардариште“.
– Денеска се наоѓаме во стационарот за згрижување кучиња скитници „Вардариште“, ги отвораме вратите, овдека сме заедно со вработените во Вардариште и со претставниците на граѓанскиот сектор коишто се занимаваат со оваа проблематика како здруженија. Целта ни е да ги видиме условите, начинот и како се згрижуваат кучињата скитници, да ги подобриме условите за престој на животните коишто се овдека стационирани заради зимскиот период и да направиме една координација, јас како Градоначалник, вработените од Стационарот и претставниците на граѓанскиот сектор и да дојдеме до едно оптимално решение за посовремен и похуман начин на згрижување на овие животни. Мене ми е драго што овдека се претставниците од граѓанскиот сектор, бидејќи со нив имаме намера да го уредиме начинот и системот на функционирање на згрижување на бездомните кучиња – изјави градоначалникот, Петре Шилегов.
Радмила Пешева од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ изјави дека ова е нов почеток на работа на стационарот „Вардариште“ и дека тие барале од градоначалникот да бидат вклучени во неговото управување, како и дека многу работи ќе треба да се променат во третманот на кучињата.
Таа посочи дека иако масовно ќе се применува програмата „Залови, стерилизирај и врати на локација“, паралелно со оваа мерка за конечно да се решат проблемите со бездомните кучиња ќе треба да се применуваат и низа други мерки и од локалната и од централната власт.
-Очекуваме многу и спремни сме максимално да се вложиме, така што сметаме дека од сега натаму работите ќе бидат подобри, рече Радмила Пешева од „Анима Мунди“ .
Столе Велковски од „Анима Мунди“ ги изрази нивните заложби да ги поттикнат сите граѓани да дојдат и да се едуцираат за проблемот со бездомните кучиња во Вардариште, да дојдат и да вдомат свој миленик и на тој начин да учествуваат директно во надминување на овој проблем.