
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во средата на брифингот со новинарите го потврди тврдењето на неговиот сопартиец и премиер Зоран Заев дека веќе две години наводно е под постојани закани за атентат.
„Од 2015 година Заев е под постојани закани за атентат. Службите преземаат сериозни мерки за обезбедување на премиерот, но и за сите останати функционери“, рече Спасовски и додеде дека „сепак Заев користи многу помало обезбедување за разлика од неговите претходници“.
Министерот нагласи дека додека Заев беше само лидер на опозициската СДМС и кога ги објавуваше материјалите од прислушувањето добивал индиректни закани, поради „Вистината за Македонија“, овие закани биле пријавени во МВР и тогаш од претходната власт му било доделено полициско обезбедување.
Сепак, досега не примиле директна закана за атентат на премиерот и оти во моментов нема никакви закани кон Заевпотврди, исто така, Спасовски.
Пред неколку денови Заев во интервју за црногорското радио „Антена М“ истакна дека безбедносни аналитичари го предупредиле на ризик од атентат.
Спасовски појасни дека во тој контекст била дадена и изјавата на Заев во Црна Гора деновиве, дека неговиот живот може да биде загрозен, поради приближувањето на Македонија кон НАТО.
„Сега некои аналитичари околу мене велат дека сега си ти на ред. Ако треба нешто да се случи нека се случи, јас сум прифатил да бидам премиер на мојата земја и на мојата држава и треба лидер, подготвен сум да носам одлуки какви што очекуваат моите граѓани, по цена, што биде нека биде“, рече Заев во интервјутот за црногорската телевизија.