
Воспоставувањето и развивањето на парламентарната соработка може да отвори пат за соработка меѓу други институции во двете држави, а тоа ќе биде ќе поттик и за владите да ја интензивираат економската соработка, се согласиле на денешната средба претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери и амбасадорот на Аргентинската Република, ополномоштен за Република Македонија, Алберто
Алфредо Мануел Труеба.
Џафери на средбата посочил дека формирањето Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со парламентите на земјите од Латинска Америка и Карибите, го потврдува нашиот интерес за воспоставување, негување и продлабочување на парламентарната дипломатија со државите од овој регион.
Амбасадорот Труеба информирал дека Аргентина, како трета економија и влијателна држава во Латинска Америка, ја смета Република Македонија за пријателска земја и е заинтересирана за развивање на поблиски билатерални односи во повеќе сфери.
Издвојувајќи ги извозот и инвестициите како приоритети на аргентинската економија, Труеба истакнал дека во иднина ќе се фокусира на идентификување и на други области од интерес. Како дел од соработката во областа на културата и проект на кој е особено горд, амбасадорот ја посочил програмата за преведување на аргентинска книжевност на македонски јазик.
Двете страни изразиле подготвеност да вложат напори да ја интензивираат парламентарна
соработка на сите нивоа и да ги продлабочат пријателските односи меѓу Република Македонија
и Аргентинската Република, како на билатерално, така и на мултилатерално ниво.