Македонската јавност од Љубљана ја доби досега најпрецизната порака дека веќе во првата половина од следната 2018 година ќе треба да биде подготвена да се соочи со брзо решение за деценискиот спор за уставното име на државата наметнат од соседна Грција, што треба да го отвори патот за реализација на македонските евроатлантски интеграции.
Кога станува збор за приоритетите коишто Зоран Заев ги истакнуваше и уште ги истакнува во својата програма, односно итното интензивирање на евроатлантските интеграции, најјасно ги претстави уште пролетва левичарскиот европратеник Тоњино Пицула, кој многу децидно порача дека приоритет ќе биде постигнувањето на решение за уставното име на Република Македонија со Грција, со што станува многу провидно кој всушност ќе ја води надворешната политика на земјата.
Во контекстот на интензивирањето на разговорите македонскиот премиер во Љубљана изјави дека очекува веќе на 20-ти или 21-ви ноември да се одржи првата средба меѓу преговарачите од Македонија и Грција со посредникот на Обединетите нации во решавањето на спорот со името, Метју Нимиц. Заев зборуваше за натамошниот тек на европските и евроатлантските интеграции на Македонија, при што напомена дека во таа насока, во прв ред, фокусот се става во решавањето на спорот со Грција.
„Ова е навистина актуелно прашање и во Македонија. Логично беше по завршувањето на локалните избори да се направи нов обид за решавање на овој суштествен или чувствителен проблем, којшто го има Република Грција со нашето уставно име, а кој истовремено е пречка за нашите интегративни процеси. Процесите веќе почнуваат, на 20-ти или 21-ви ноември очекуваме да се направи првата средба меѓу преговарачите од двете земји со медијаторот Метју Нимиц“, рече Заев.
Премиерот истакна дека овој месец се очекува интензивирање на преговорите, а оти неговата влада се обидува да изгради национален консензус и тоа од сите институтуиции и тела, вклучително и од опозицијата „но во функција на наоѓање решение, а не на негово одложување“. Заев, исто така, како и во други прилики досега, изрази уверување на дека со пријателска атмосфера, применета како и во договорот со Бугарија и со албанските политички фактори, може да се најде брзо решение и на ова горливо прашање.
Американскиот заменик помошник државен секретар Брајан Хојт Ји, кој има се’ поизразена улога во овој дел од Балканот, минатата седмица на дебата во Вашингтон изјави дека прашањето за името е досега „на највисоко ниво и најблиску до изнаоѓање решение“. Истовремено грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас многи прецизно порача дека очекува прашањето да биде затворено во првата половина на следната година, очекувајќи македонскиот премиер „да го стори исчекорот и оти сега има поголеми шанси од порано да се изнајде решение со Грција“.
Дека следниот период напорите ќе бидат концентрирани на конечно отстранување на пречката за македонска поблиска интеграција во евроатлантските структри, говори и лавината изјави, мислења и интервјуа следеа по изјавата на Заев во Љубљана. Така, Даниел Сервер, експерт за Балканот и професор на американскиот универзитет „Џон Хопкинс“, во изјава за МИА во средата оценува дека е можно во 2018 година да се направи пробив во решавањето на спорот за името и отстранување на блокадата за прием на Македонија во НАТО и почеток на пристапните преговори со ЕУ.
Коментирајќи ги оптимистичките очекувања од Скопје, Атина, но и од Вашингтон, искажани преку заменик помошникот државен секретар на САД, Хојт Ји, Сервер вели дека решение може да се најде особено во однос на приемот на Македонија во НАТО.
„ Да, решение, барем, за членство во НАТО, е можно во 2018 година. Иако истата работа можев да ја кажам секоја година од Времената спогодба од 1995, условите (приликите) за тоа во моментов се ветувачки“, истакнува Сервер.
Медијаторот Нимиц, пак, според се’ судејќи ќе даде конкретен предлог за името, според тврдењата на повеќето грчки медиуми, во врска со споменатата средба на посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц на средбата со претставниците на Грција, Адамантиос Василакис, и на Македонија, Васко Наумовски.
Атина, како што шефот на дипломатијата Никос Коѕија најави во телевизиско интервју пред локалните избори во Македонија, очекува по победата на премиерот Зоран Заев на локалните избори и стабилизацијата на неговата влада, од Македонија да продолжи со активностите на „добра волја со кои ќе покаже дека го напушта иредентизмот, како што се промената на името на аеродромот во Скопје и отстранување на спомениците поставени во времето на премиерот Никола Груевски“.
Грчките медиуми, исто така, пренесуваат дека вицепремиерот Кочо Анѓушев во вторникот во обраќање на дебата во „Џон Хопкинс“ институтот во Вашингтон побарал од САД поддршка за решавањето на спорот за името.
Меѓутоа, она што е поблематично е што засега нема никаква најава кој би бил можниот предлог што ќе овозможи брзо надминување на спорот и ќе ги задоволи и двете страни, на задоволство на Брисел и Вашингтон во нивните инстистирања за заокружување на сопственото влијание на просторот. Ако се има предвид постојаното опстојување на Атина на своите „црвени линии“, и од друга страна нескриениот оптимизама за брзото решавање на проблемот, многу е веројатно дека веќе има на масата некоилку верзии кои ќе бидат разгледувани како оние кој најмалку може да предизвикаат вознемиреност во јавноста и во двете земји, кои изминатите децении се подигнати на највисоко ниво на национална чувствителност.
Во тој контекст, најверојатно треба да се гледа и утрешната посета на солунскиот градоначалник Јанис Бутарис на Скопје. Човекот кој инаку води потекло од македонската почва , од Невеска и од Крушево, без сомнение ќе дојде со некаков неформален предлог од грчка страна, на што посочуваат неговите „средби за запознавање, без конкретни теми на агендата“, со претседателот Ѓорѓе Иванов, со премиерот Зоран Заев, со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, со градоначалникот Петре Шилегов, а можеби ќе оствари средба и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети кој инсистираше и со ткн Тиранска платформа албанските претставници да учествуваат во преговорите и со Софија и со Атина.
Според последните информации од грчките медиуми, македонскиот вицепремиер за европски прашања Бујар Османи на почетокот од следната седмица ќе ја посети Атина на разговори со високи претставници на грчките власти, без да ги прецизира темите на разговор. Но треба да се потсети дека претходно оваа седмица Османи заедно со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во Брисел разговараа со Османи е во дводневна посета на Брисел каде, меѓу останатите, оствари средби со високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могоерини, како и со еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, кој исто така на Twitter најави доаѓање во Скопје следната среда.
Доаѓањето на Хан во Скопје, се сретне со челниците на македонските партии, според партиски извори е во смисла на нивно одоброволување да ја прифатат иницијативата на европратеникот Иво Вајгл за разговори кои би се одржале близу Париз во куќата на еден од идејните творци на ЕУ, Жан Моне. Бидејќи е навостина нејасно за што би се разговарало во француската престолнина, откако според Брисел, политичката ситуација во Македонија е стабилизирана по исходот од локалните избори, многу јасно е дека ќе се бара широк партиски консензус за спорот за името. Всусшност и самиот Хан побара и „конструктивна соработка од сите политички сили во Македонија вклучувајќи ја и опозицијата“ за европските предизвици кои ја очекуваат земјата во следниот период.
Ова посочува на тоа дека, всушност ќе се бара модусот на кој ќе се прифати предлогот за името. Имајќи ја предвид особено, и според сопствено признание, деформацијата во ’рбетниот столб на Заев, тоа со хируршка интервенција ќе треба да се пресади и кај сите Македонци. Меѓутоа, бидејќи такви политички опити, и од медицински аспект, се малку веројатни, речиси е сигурно дека набрзо ќе бидеме сведоци на моментот на суспендирање на демократијата, како што се предупредува од поодамна според урнекот на Црна Гора и Украина, имено за вакви суштествени прашања да се елиминира највисокиот демократски принцип – плебисцитот или референдумско изјаснување на гласачите.
Но, бидејќи исходот од таквото изјаснување е повеќе од јасен, бидејќи е апсолвирано и дека патриотски расположените гласачи на СДСМ не се расположени за менување на вековното име на нивната тешко стекната самостојна држава, тоа треба да се изведе со нов „демократски“ инженеринг, односно за тоа да се гласа во парламентот, онака како што тоа беше сторено во Црна Гора во врска со нејзиното зачленување во НАТО. Може да се претпостави дека ќе следува трагање по модусот на кој би се извела ваквата операција во Македонија, зашто во моментов таквата опција има вкупно номинално 67 гласови. А, сепак, не е познато колку пратеници од СДСМ би гласале за ваквата опција, дури и доколку се изведе и франкенштајнска операција за вакво прашање да се гласа и со просто мнозинство.