
Најмалку 15 лица загинале во вчерашните големи поплави во Грција, а властите прогласија ден на жалост. Најголем дел од загинатите се постари лица, кои не успеале да се евакуираат од своите домови.
Поплавите биле предизвикани од обилните врнежи дожд, кои продолжуваат и денеска во јужна Грција.
Ова се многу тешки моменти за Грција. Доживеавме голема катастрофа, изјавил премиерот Алексис Ципрас, по прогласувањето на ден на жалост.
Најпогоден во поплавите е градот Мандра, кој се наоѓа југозападно од престолнината Атина.
Надојдената вода, ги прекрила улиците во Мандра со кал и ѓубре. Оштетени се голем број на станбени објакти и возила.
Исто така, во прекин е и сообраќајот на автопатиштата во овој дел на Грција, бидејќи коловозите се под вода, која донела и многу кал и разни видови на ѓубре.
Загубивме се’ што имавме. Ова е катастрофа од библиски размери, изјавила за националаната телевизија ЕРТ, Јиана Крикуки, градоначалник на Мандра.
Спасувачките екипи ги пребаруваат подрумите низ куќите, во потрага по евентуално заглавени или настрадани лица.