
Со Бугарија не сме само пријатели, туку станавме и сојузници, изјави премиерот Зоран Заев во интервју за Бугарската национална телевизја, БТВ.
– Македонија доби со Договорот за добрососедство со Бугарија, а не загуби ништо. Ние зборуваме на јазик на којшто се разбираме. Само заедно можеме да си помогнеме и да одиме напред – изјави Заев.
Тој кажа и дека Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија ќе биде ратификуван до крајот на годината.
Шефот на македонската Влада изрази силна поддршка за изградбата на Коридорот 8.
– Потребна ни е економска поврзаност од Драч преку Скопје до Бугарија – вели Заев.
Во однос на историските прашања што ги засегаат двете земји, Заев рече дека во учебниците веќе не се говори за „бугарски фашистички окупатор“ и оти македонското општество го осудило уништувањето на споменикот на Кајмакчалан зашто тоа предизвикало страдање кај Бугарите.
– Личностите од нашата заедничка историја треба да нè поврзуваат. Кавгите не носат перспектива, туку носат лошо. Македонија и Бугарија се искрени пријатели и треба да го градат тоа пријателство – потенцира Заев.
Тој посочи и дека никогаш повеќе во Република Македонија нема да се повтори политичката криза која ѝ се случи на земјава последниве години кога немаше слобода, а многу невини луѓе беа испратени во затвор.
– Сакаме да гледаме напред кон иднината, а не да се враќаме назад – рече Заев.
Тој го кажа и својот став во однос на долгогодишниот спор со Грција за името.
– Јас сум политичар кој сака да го реши проблемот со Грција за името. Веројатно и двете страни ќе треба да направат компромиси -нагласи премиерот Зоран Заев во интервју за БТВ.
МИА