
Бродот „Мис Стоун“, кој вo неделата потона во каналот Студенчишта и притоа од него се излеа извесно количество нафта, денеска ќе биде изваден од езерото, за да се спречи понатамошно излевање.
Од претставниците на локалната самоуправа, надлежниот државен инспектор за животна средина од Охрид и капетанот на Капетанијата на самото место вчера е утврдено дека се работи за инцидент со бродот „Мис Стоун“ кој е полупотонат при што е излеано одредено количество нафта во водата на каналот. Согласно законската регулатива инспекторот за животна средина презеде законски мерки и веќе е отворен предмет во инспекциска постапка.
Горивото кое формира тенок слој на површината од каналот беше третирано со специјални средства за разградување, за да се спречи поголемо загадување на животната средина.
Како што велат очевидци, од бродот е излеана нафта низ целиот канал и веќе е стигната до Охридско Езеро.
Според рибарите, кои и покрај излеаната нафта рибареа, претходниот ден сè било во ред и најверојатно, инцидентот се случил во текот на ноќта бидејќи кога дошле во 6 часот утрово нафтата веќе била излеана.
Бродот „Мис Стон” во каналот е вкотвен со години. За него долго време никој не се грижеше. Најверојатно поради дотрајаност на пловилото водата навлезе во него и тоа се наведна на една страна и натаму полека тоне.