
Лидерот на баварските конзервативци Христијанско-социјалната унија (CSU), Хорст Зехофер, која е сестринска партија на Христијанско-демократската унија (CDU) на канцеларката Ангела Меркел, изрази во неделата поддршка за коалицијата со Социјалдемократската партија на Германија (SPD), придружувајќи им се на оние кои сакаат „голема коалиција“ со кој би се завршила политичката криза во најголемата европска економија.
Конзервативната канцеларка Ангела Меркел чијшто четврти мандат стана под знак прашање откако пред една седмица пропаднаа трилатералните преговори за новата владејачка коалиција ѕкн „Јамајка“ коалиција со либералите од Слободните демократи (FDP) и зелените.
Во петокот SPD отстапувајќи од своите претходни тврдења дека нема да учествува во новата коалиција на канцеларката ѝ понуди рака на спас. Оваа партија е под голем притисок да се сочува стабилноста и да се избегнат нови парламентарни избори, па се согласи да разговара со Меркел со која беше на власт од 2013 година. Втората алтернатива за Унијата CDU/CSU за избегнување на новите избори е составување малцинска влада.
„Сојузот на конзервативците и SPD е најдобрата опција за Германија, секако подобра од коалицијата со Слободните демократи и Зелените, новите избори или малцинската влада“, истакна во разговорот за весникот Bild am Sonntag, Хорст Зехофер, челник на баварската CSU.
Неколку европски челници ја истакнаа важноста од брзо именување стабилна германска влада за да може Европската унија може да се сврти кон прашањата како што е истапувањето на Велика Британија и предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за реформите на еврозоната.
Меркел тврди дека Берлин може да функционира нормално додека работите стојат во местo, бидејќи таа ја води владата со повеќето свои министри од кои дел се од SPD сѐ до формирање на новата коалиција.
Во саботата призна дека повторно ќе бара голема коалиција, а анкетата на институтот Emnid во неделата покажа дека тоа го поддржуваат 52 отсто од Германците. Од минатата седмица поддршката за конзервативниот блок на Меркел се зголеми за 2-процнетни поени, на 33 отсто, ан за социјалдемократите за 1-процентен бод, на 22 отсто.
Канцеларката не е наклонета на опцијата за малцинска влада, поради инхерентната нестабилност на таквото решение, меѓутоа аналитичарите говорат и за можноста CDU и Зелените да склучат таква влада, а SPD да поддржи некои од мерките. Зелените во саботата објавија дека се подготвени да влезат во малцинска влада.
Конзервативците на Меркел на изборите од 24-ти септември освоија најмногу места во парламентот, но изгубија голем дел од поддршката на гласачите кои се свртија кон крајната десница. Меркел веќе ги најави приоритетите на новата влада: одржување на стабилната финансиска состојба во Германија, кастрење на даноците и инвестирање во дигиталната инфраструктура.
За во овој сојуз да ја задржи баварската CSU, ќе мора да се придржува до построгите имигрантски политики, а тоа би можело и да ѝ помогне да ја врати поддршката на конзервативното гласачко тело кое се сврти кон евроскептичната и противдоселеничка партија Алтернатива за Германија (АfD) којашто се спротиставува на нејзината политика на отворени граници за имигрантите.
Од SPD, најстарата германска политичка партија на сегашната политичка сцена, по историски најслабиот изборен резултат од 20,5 отсто во септември, најлошиот од 1933 година, веќе во изборната вечер ја исклучија можноста да ја продолжат коалицијата со Унијата CDU/CSU, тврдејќи дека со гласањето „избирачите тоа го отфрлиле“.
Доколку ова партија повторно влезе во владата, ќе мора да протурка некои од своите идеи за да ги врати своите некогашни гласачи. Челникот на социјалдемократите Мартин Шулц на членовите на партијата викендов им вети гласање за почеток на коалициски преговори, а поистакнатите членови на SPD ги поставија своите услови кои вклучуваат инвестирање во образованието и домувањето, измени во здравственото осигурување и неограничување на бројот на барателите на азил.
Меѓутоа, баварскиот конзервативец Зехофер предупредува дека социјалдемократите не смеат да поставуваат премногу услови. „Нема да има голема коалиција по секоја цена“, заклучува челникот на CSU.