Заев: Помошта од Кина е од историско значење за инфраструктурната модернизација на Македонија

Премиерот Зоран Заев заедно со владината делегација во Будимпешта во вторникот се сретна кинескиот колега Ли Кечијанг и владина делегација на Кина, при што оцени дека кинескиот ангажман во регионот и земјава има „историско значење“ за инфраструктурната на земјата.

„Народна Република Кина е докажан пријател на Македонија, а нашите билатерални односи се исклучително добри и во таа насока очекувам плодна соработка меѓу нашите две земји во иднина“, оцени премиерот Заев.

Во однос на Самитот 16+1 за соработка на земјите од централна и источна Европа со Кина на кој учествуваше и Македонија, Заев посочи дека Македонија е подготвена со повеќе конкретни проекти да аплицира за поволните кинески кредитни линии. Премиерот истакна дека многу е важна поддршката на Кина  за воспоставување на поинтензивна економска соработка меѓу двете земји.

На средбата двајцата премиери ги разгледале проектите од регионално значење за Коридорот 10 и се согласија за негова имплементација и реализација во најбрз рок. Исто така, било разговарано и за ново железничко поврзување по должина на Коридорот 8, инфрормираат од владината служба за односи со јавноста,

Кинескиот премиер истакнал дека дека со реализација на Коридорот 8 и Коридорот 10, Македонија ќе стане транспортен јазол во регионот, за што посочи дека инвестициите во инфраструктурата се инвестиции во иднината на Македонија.

Заев во продолжение истакнал дека Македонија ќе ја зајакне соработката со врвни кинески компании од областа на информатичките технологии. Додал дека во рамки на самитот 16+1 на средбите со претставници на компаниите ЗТЕ и Хуавеи се споделија идеи и планови за нови иновативни смарт решенија за кои постои согласност дека може да се имплементираат во нов концепт на смарт држава.

„Овa е историски момент за Република Македонија. Помошта од Народна Република Кина е значајна за инфраструктурна модернизација на земјата“, оценува Заев.

Ли порачал дека во пресрет на 25-годишнината од воспоставување на дипломатските односи меѓу двете земји, следната година, очекува интензивирање и унапредување на соработката меѓу двете земји и посочи дека Кина ја има признаено Република Македонија под уставното име и дека во билатералната соработка го почитува тоа. Потенцирајќи ги добрите билатерални односи меѓу двете земји премиерот Заев додаде дека Македонија ја поддржува ткн. политика на „една Кина“.