
Без присуство на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, на четвртата седница советниците од СДС во Советот на општина Неготино изгласаа амандман и одлука за изменување на одлуката за исплаќање на еднократен надоместок за секое новородено дете во општината, изјави на денешната прес-конференција Петар Манчев, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери.
Со оваа одлука, нагласи, се кратат еден милион денари наменети за младите брачни парови кои добиваат новороденче.
„Таа мерка вроди со резултати, од 2013 до 2016 година наталитетот се зголеми за 19 проценти. Во 2013 се родиле 176 деца, а во 2016 таа бројка се зголеми на 210, додаде Манчев.
Информираше дека нивната советничка група ја напушти седницата поради, како што рече, недемократско однесување на власта и селективниот пристап при примена на правдата во Македонија.
„Македонија е заробена држава од страна на СДС. СДС го девалвираше правото и правната држава. Институциите веќе не работат по закон, туку по диктат на власта. Правосудните органи се под притисок, а граѓаните живеат во страв од насилието кое го спроведува власта, рече Манчев.
Според него, „власта во политички монтирани случаи ги затвара патриотите чии единствен грев е што си ја сакаат државата, а синоќа на Влада помина закон за амнестија на затвореници извршители на тешки кривични дела“.