
Еврогрупата, телото коешто го сочинуваат министрите за финансии на еврозоната или19-те земји кои ја користат заедничката валута еврото, го избра во понеделниот новиот претседател, португалскиот министер за финанси Марио Хозе де Фреиташ Сентено, кој на 13-ти јануари следната година ќе ја презема должноста од досегашниот претседател, Холанѓанецот Јерун Дијселблум.
„Еврогрупата штотуку го избра Марио Сентено, португалскиот министер за финансии, за свој нов претседател. Тој ќе ја преземе должноста на 13-ти јануари 2018 година“, објави Советот на Европската унија.
Португалецот Марио Сентено важеше како фаворит во трката со тројцата противкандидати, луксембуршкиот министер за финансии Пјер Грамења, словачкиот Петер Кажими и латвиската министерка Дана Рејзниеце-Озола. Во првиот круг никој не успеа да добие мнозинство, односно десет гласови. Кажимир и Рејзниеце-Озола се повлекоа по првиот круг. Сентено е избран потоа, со мандат од две и пол години.
Сентено е 50-годишен професор по економија, а во политиката влезе дури во 2015 година, влегувајќи во актуелната влада на Португалија. Не припаѓа на ниедна политичка партија.
Еврогрупата е неформално тело во кој министрите за финанси на државите членки на еврозоната расправаат за прашања кои се однесуваат на нивните заеднички одговорности во врска со еврото. Се состануваат еднаш месечно, пред состанокот на Советот за економски и финансиски работи, во кој влегуваат министрите за финанси на сите земји членки на Европската унија. Иако станува збор за неформално тело, се смета за едно од поважните должности во ЕУ.
Во следните две ипол години, еврозоната би требало да спроведе темелни реформи. Европската комисија во среда ќе ги објави своите предлози за тоа како да ја зајакне еврозоната за да се избегнат финансиски земјотреси како оној кога беше на работ од распаѓање поради енормната должничка криза во Грција на којашто и се закануваше банкрот.