Членовите на ДИК нема да ги вратат бонусите, подинечно ќе одлучеле како ќе ги враќаат парите

Членовите на Државната изборна комисија на седницата во вторникот едногласно одлучија да ја објават на веб страницата на ДИК одлуката за доделување на надоместоци за членовите и службите, со што  одлуката ќе биде објавена еден месец подоцна, затоа што наводно била донесена на 16.11.2017 година, а бонусите за вкупно девет месеци од иминатите два иборни циклуса ќе ги враќале поединечно

Според претседателот на Комисијата, Александар Чичаковски, не постојат правни можности одлуката да биде отповикана, затоа, додаде, средствата ќе ги донира во организации и здруженија на граѓани кои работат на проблематиката со изборите.

Притоа упати забелешка за службите затоа што одлуката наводно по нивна вина  била скриена од јавноста.

„Ги прифаќам критиките по однос на транспарентноста. Сметам дека транспарентноста треба да ја зголемиме, меѓутоа останаа дел од забелешките изнесени во јавноста на кои мора да поработиме. Има и од моја страна пропусти и на страна на членовите и на страна на службата која е должна да ги објавува одлуките за да и бидат достапени на јавноста“,  рече Чичаковски.

Стручната служба беше задолжена веднаш да го објави овој заклучок на Комисијата на веб страната, како и претходно донесените одлуки.

Чичаковски додаде дека останува во целост зад донесената одлука за исплата  на надоместоци.

„Сметам дека се целосно законити и целосно оправдани од причина што ДИК во овој состав успеа во деликатни околности и политичка криза да спроведе фер и кредибилни предвремени и локални избори и сметам дека допринесовме да се стабилизира политичкиот и демократскиот систем во Република Македонија“,  рече тој.

Претседателот на Комисијата додаде дека кога се разговара за висината на наградата треба да се земе предвид и тежината на работата која опфаќа одговорност кон поставените задачи.

„Сепак сметам дека оваа одлука не го издржа судот на јавноста, тоа е повеќе од очигледно“,  посочи тој.