
По најавените и потврдени заминувања од тимот на европскиот ракометен првак Вардар, очигледно е дека раководството на клубот е во потрага по слободни играчи со кои не би се изгубил квалитетот на екипата.
Македонскиот и европски првак Вардар, оваа сезона во Лигата на шампионите игра брилијантно и руши рекорди, зборот пораз е заборавен оваа година за ракометарите на црвено-црните.
Сепак јасно е дека Вардар следната година нема да го има истиот тим од оваа година.
Најдобриот тренер на светот, Раул Гонзалез, следната година скопската клупа на Вардар ќе ја смени со париската на ПСЖ, Лука Циндриќ страв и трепет за противничките голмани сега ќе биде во дресот на Киелце, место во оној на Вардар.
Можеби клучниот играч на Вардар, голманот Арпад Штербик, Македонија ќе смени со Унгарија, каде во наредните две години ќе игра за Веспрем. Од вчера официјално заминување од Вардар потврди и пикерот Мијајло Марсениќ, кој од следната сезона ќе биде ракометар на германски Фуксе Берлин.
Шпекулации дека ќе си заминат од клубот има за Хорхе Македа и Илија Абутовиќ, за кои сепак се уште не е потврдено.
Сепак од клубот нормално е да се бараат замени за оние кои ќе заминат, па почнува да се работи и на засилувањата.
Како што дознава порталот Спортклуб.мк, нов ракометар на Вардар од следната сезона треба да биде еден од најдобрите руски ракометари и најдобар играч на Санкт Петербург, Дмитриј Киселев.
Станува збор за 23-годишен ракометар кој игра на позицијата денесен бек. Сезонава убедливо е прв стрелец на својата екипа, а веќе две години наназад е и стандарден член на репрезентацијата на Русија